Skip to main content

Денес пред Собранието на РМ е мирно

Денес пред Собранието на РМ е мирно, информираат од МВР. Околу 80 лица беа повредени во синоќешните инциденти кога група демонстранти од иницијативата „За заедничка Македонија“ насилно влезе во Собранието, по изборот на Талат Џафери за претседател на македонскиот парламент.

 |  Николоска Биљана  | 

8 лица приведени, 83 поврдени, е билансот од синоќешниот инцидент што се случи во Собранието на РМ. По изборот на Талат Џафери за претседател на македонскиот парламент група демонстранти од иницијативата „За заедничка Македонија“ насилно влезе во Собранието. Демонстрантите го демолираа законодавниот дом, а нападнаа и дел од пратениците, меѓу кои и лидерот на СДСМ Зоран Заев, лидерот на Алијансата на албанците, Зијадин Села, како и пратениците Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски и Радмила Шеќеринска.
Телевизија ТВМ денес стапи во контакт со охридските и струшките народни избраници од двете поголеми политички партии и го слушна нивниот коментар околу синоќешните случувања.

„Тоа е надвор од здравиот разум и надвор од сите демократски принципи и законски процедури и секако еклатантно кршење на деловникот на Собранието на РМ, што не води кон никаде најмалце кон разврска на политичката криза“ – изјави Лилјана Затуроска пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ од Струга.
„ Тоа што се случуваше во собрането синоќа беше хорор филм. Очигледно безбедносните служби потфрлија не смееа да дозволат напад на народни избраници бидејќи според закон и устав сме заштитени и ме избрани на избори“ – изјави Јован Митрески – пратенкот од СДСМ од Струга.
„Толпата, не би рекла разгневен народ тоа беше специјално обучувана толпа кој беше пуштена во Законодавниот дом никакво обезбедување на пратениците бевме изложени на невиден гнев на луѓе кои беа обучени и со маски на лицата – изјави Жаклина Лазареска пратеничката од СДСМ Охрид

Телефонски го контактиравме и пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Сашо Василевски, но поради презафатеност ни кажа дека не може да даде изјава и дека останува на ставот изнесен на неговиот ФБ профил, каде потенцира дека уште пред 2 дена замолил да има лидерска и пратеничка мудрост. Го повика народот да биде прибран и дека државата ќе воспостави ред.

Денес во Струга била демолирана канцеларијата на пратеничката Лилјана Затуроска, додека пак во близина на охридската гимназија „Св Климент Охридски“ биле испишани недолични натписи за пратеникот Томислав Тунтев.

Инаку синоќа свое обраќање имаше претседателот Ѓорге Иванов, кој ги повика политичките лидери во земјава на консултации и на лидерска средба да разговараат за смирување на состојбата и наоѓање излез од кризата. Прес конференции денес имаа и лидерите на ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.

Насилството во Парламентот остро го осуди и Меѓународната заедница. Од таму повикаа на мир и смирување на тензиите, тие го признаа и поздравија изборот за Претседател на Парламентот, и најавија соработка со новиот претседател Талат Џафери. И Брисел преку изјавите на Јоханес Хан и Федерика Могерини, како и Американската амбасада преку соопштение го признаа изборот на претседателот како легитимен и законски.