Могерини со опомена до Џафери
Федерика Могерини му нагласила на Талат Џафери дека треба да работи за доброто на сите граѓани и заедници во земјата.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерина го опоменала Талат Џафери дека како претседател на Собранието е претставник и на Македонците на нивната денешна средба во Брисел. Могерини го поздравила неговиот избор од мнозинството во парламентот, но му нагласила дека неговата улога треба да биде над партиската и меѓуетничката политика и тој треба да работи за доброто на сите граѓани и заедници, соопшти кабинетот на потпретседателката на Европската комисија.
„Во дискусијата, Високата претставничка ја повтори острата осуда од ЕУ на минатонеделното насилство во Собранието против пратениците и новинарите. Таа го поздрави изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од мнозинството пратеници, но нагласила дека неговата улога треба да биде над партиската и меѓуетничката политика и претседателот на Собранието треба да работи за доброто на сите граѓани и заедници“, соопшти кабинетот на Могерини.
Ваквото соопштение доаѓа по инцидентот со албанското знаме на првиот ден на Џафери во претседателскиот кабинет во Собранието, кој предизвикал вознемиреност кај странските претставници во Македонија, по што неколкумина од амбасадорите го контактирале лидерот на ДУИ Али Ахмети и му кажале дека неговиот сопартиец направил непотребна провокација со македонските медиуми на албански јазик. Ахмети им одговорил дека ставањето албански знамиња во кабинетите на функционерите од неговата партија било вообичаена пракса, па би било хипокризија ако Џафери се слика без знамето, а подоцна да го стави.
Џафери, пак, во Брисел кажа дека поставувањето на албанското знаме во кабинетот било негова лична одлука.
„Тоа го направив како лично чувство во смисол на граѓанинот Талат Џафери по однос на функцијата што ја презема, не загрозувајќи ја во ниту еден момент функцијата, односно надлежностите на претседател на Собрание“, изјави Џафери за порталот „НоваТВ“ во Брисел.
За инцидентот со знамето, лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека законите се јасни и треба да се почитуваат и се надева дека ако случила некаква грешка, таа ќе биде исправена.