Skip to main content

Одбележан денот на реката Дрим

 Одбележан денот на реката Дрим.

 |  Валентина Неловска  | 

Денот на реката Дрим се одбележа со трибина во селото Орман. На средбата учествуваа претставници од различни институции, инспекторатите за животна средина, од Секретаријатот на Дрин Кор групата, ученици и локално население кое живее по текот на Коселска Река која пак е под сливот на реката Дрим. Станува збор за засегнати страни кои влијаат врз донесување на политики и на ситуацијата со Коселска Река и Црн Дрим како главна река, информира Ѓоко Зороски од ЕД Грашница. Тој кажува дека постојано посочуваат проблеми кои со години се исти. Тоа се неопфатеноста на населените места со пречистителни станици за одведување на отпадни води, проблемот со одлагање на цврстиот отпад, со депониите, како и со нефункционирање на колекторскиот систем. Сериозен проблем е и загадувањето на водните текови со неправилна употреба на хемикалии во третирање на земјоделските и овоштарските производи.

„Денешната поента е заштита на Црн Дрим од загадување од прекумерна употреба на пестициди. Имаме инжинер агроном кој ќе укаже како треба и како не треба да постапуваме при земјоделските активности, за хемикалиите да не влегуваат во синџирот на исхрана и да не влијаат штетно врз здравјето на популацијата“, вели Зороски.

Дејан Паноски, национален координатор на Gef проектот, напоменува дека работат на изготвување на Стратегија за прекугранична дијагностичка анализа на Дримскиот базен. Се работат тематски извештаи на хидрологијата на басенот во сите земји на потенцијално и реално загадување. Работиме на биодиверзитетот и заштитата на социоекономските карактеристики, на туристичката валоризација и на врската меѓу енергијата, земјата и водата, вели Паноски.

„Најважно е одговорите што ги добиваме од јавноста и граѓанските здруженија околу проблемите за заштита на животната средина и нејзините управувачи. Кога се добиваат одговори од јавноста треба да се почитуваат и да се вклопат во менаџирање на Стратегијата“, подвлекува Паноски.

Стратешкиот акционен план ќе биде доставен на Владите на 4-те земји од Дримскиот басен, Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово. Тие треба понатака да одлучат кои ќе се приоритетите во решавање на проблемите, напоменува Паноски.