Skip to main content

Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Црвениот крст на Република Македонија денеска ќе го одбележи 8 мај – Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина. По тој повод ќе биде промовирана и поштенска марка, а во рамки на одбележувањето ќе бидат организирани и серија други настани во сите 34 општински организации на Црвениот крст и Црвениот крст на град Скопје.

 |   | 

Црвениот крст на Република Македонија, како Национално друштво и рамноправен член на меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, ги реализира своите активности во областа на дисеминацијата, поаѓајќи од корпусот на меѓународните инструменти во чија основа се Женевските конвенции од 1949 година и Дополнителните протоколи од 1977 година, како и основните документи на националното друштво како што се Законот и Статутот на Црвениот крст на РМ.

Волонтерите и вработените во Црвениот крст, како што стои во соопштението, се водени од принципите со кои се оди подалеку од географските, верските или културните граници.

– Црвен крст на РМ претставува единствена организација на територијата на Република Македонија, која ја сочинуваат мрежа на 34 општински организации на Црвениот крст, Црвениот крст на град Скопје, со вкупно 102 вработени лица, 10.042 регистрирани членови и 3.648 активни волонтери кои се дел од локалните заедници и претставуваат мост до нашите крајни корисници, посочуваат од Црвениот крст.

Светскиот ден на Црвениот крст и на Црвената полумесечина се одбележува во сите 190 национални друштва во чест на основоположникот на движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина Анри Динан, швајцарски трговец, кој е роден токму на 8 мај.

Црвениот крст и Црвена полумесечина е во основата на меѓународното хуманитарно дејствување и на модерното меѓународно хуманитарно право. Во 1863 година, својата идеја Анри Динан, ја претстави во неговата историска книга „Сеќавања за Солферино“, која беше трансформирана во реалност преку создавањето на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и основањата на првите Национални друштва, а потоа во 1864 година со усвојувањето на Првата женевска конвенција.