Skip to main content

На охридскиот туризам му недостасува софтвер за електронско пријавување на туристи


На охридскиот туризам му недостасува софтвер за електронско пријавување на туристи.

 |  Валентина Неловска  | 

Општинскиот инспекторат и Државниот завод за статистика прикажуваат различни бројки на остварени ноќевања на охридското крајбрежје. Така, за 2016 година Општинскиот инспекторат во книгите на станоиздавачите и хотелите евидентирале 469.324 ноќевања, а државниот завод за статистика 800.000 ноќевања. Oд одделението за туризам при ЛС велат дека иако станува збор за различна методологија на обработка на податоците, не е негираат дека дел од станоиздавачите продолжуваат да ја прикриваат туристичката такса и да не ги пријавуваат реализираните ноќевања. Додаваат дека сепак расте процентот на наплатата на туристичката такса.



„Секоја година од 7 до 10 посто се зголемува наплатата на туристичката такса. Тоа се должи на низа мерки кои ги воведовме. Сеуште наплатата кај приватните станоиздавачи не е на ниво на кое посакуваме, со оглед на бројот на леглата, во споредба со леглата во хотелите“, вели Апостолов од одделението за туризам.

Статистички, хотелските капацитети располгаат со помал број на легла во споредба со приватното сместување. Поголем дел од туристичката такса која се влева во општинскиот буџет е остварена од хотелите. Сопствениците на апартманите не ги пријавуваат адекватно деновите на престој кои ги запишуваат во книгите, велат од ТЛЕР. На охридскиот туризам му недостасува софтвер за електронско пријавување на туристи со кој ќе се избегнат наведените слабости при прикажување на точен број на туристи и наплата на туристичката такса.

„Воведувањето на софтверот за пријавување и контрола не го прифаќаат од МВР. Образложението е дека не се на потребното техничко ниво за да се спроведе истото. Со спроведување на софтверот ќе има поголем увид на бројот на денови на престој на гости. Со самиот влез и излез во државата ќе се има увид колку дена туристите престојувале и паралела колку дена ноќевале“ вели Апостолов.

Во општинската каса по основ туристичка такса во 2016 година се инкасирани околу 16,5 милиони денари. Забележан е пораст од 6 посто во споредба со 2015 година.