Лични асистенти добија 8 лица со инвалидитет од Охрид
Два месеци, персонални асистенти ќе помагаат на лицата со инвалидитет во Охрид. Тие ќе работат по 20 часа неделно или пола работно време, а за тоа ќе бидат соодветно платени. Станува збор за реализација на пилот проект на Министерството за труд и социјална политика, кој ќе трае 2 месеци, а е финансиран од финската амбасада.
Персонална асистенција за 8 лица со инвалидитет од Охрид. Во рамките на проектот „Унапредување на услугите за социјална инклузија“, а врз претходно направена анализа за потребите и побарувачката за професионална рехабилитација и персонална асистенција, утврдено е дека приоритети во однос на ова прашање мора да бидат организирање медицинска и физичка рехабилитација за лицата со инвалидитет, како и сертифицирање на компании за персонална асистенција.
„Персоналните асистенти ќе работат за одреден надомест. Станува збор за пилот проект кој ќе трае два месеци. Персоналната асистенција е веќе започната, треба да се потпишат договорите и ќе бидат исплатени за пола работно време или 20 часа во неделата. Сумата која ќе ја добијат е од 8 до 10 000 денари“.
Голабоски смета дека е потребно вложување дополнителни напори, односно персоналната асистенција да им биде доближена на луѓето со поголема инвалидност, како нешто што ќе им помогне и во професионалната рехабилитација и во пронаоѓање на работа.
„Персоналниот асистент во некои случаи ќе го придружува или ќе му помага на инвалидот дури и до работното место. Не во смисла да работи за него на работно место, туку да му помогне да дојде до работното место и да му помогне за некои негови потреби “.
Голабоски нагласи дека најголема помош од стручни лица на инвалидите им е потребна во секојдневниот живот, односно во активностите во домот и во секојдневната грижа за себе.
Сепак, Голабоски смета дека најзагрижувачко е тоа што лицата со инвалидитет постојано се соочуваат со предрасуди, стигматизација и дискриминација во текот на нивниот живот, а особено кога станува збор за нивното вклучување на пазарот на трудот, иако вработувањето на лица со инвалидитет во Македонија е регулирано со Законот за работни односи и со Законот за вработување на лица со инвалидитет.