Судбината на фестивалот „Манаки“ неизвесна
Џузепе Ротуно, италијанскиот кинематографер и снимател на голем број антологиски филмови меѓу кои ремек-делото „Амаркорд“ на Федерико Фелини, е годинашниот добитник на Златна камера 300 за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, пренесува Р.С. „Слободна Европа“.
Џузепе Ротуно, италијанскиот кинематографер и снимател на голем број антологиски филмови меѓу кои ремек-делото „Амаркорд“ на Федерико Фелини, е годинашниот добитник на Златна камера 300 за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, пренесува Р.С. „Слободна Европа“.
Манифестацијата што ја подготвува Друштвото на филмски работници на Македонија, под мотото „Movie On! Touch the Light“, е планирано да се случи од 23 до 30 септември во Битола, но нејзиното одржување поради молкот на Агенцијата за филм и натаму е неизвесно.
Деведесет и четиригодишниот Џузепе Пепино Ротуно, нaјгoлемиoт жив светски кинемaтoгрaфер, снимателот кој има оставено свој белег на голем брoј aнтoлoгиски остварувања, a најпoзнaт е пo сoрaбoткaта сo режисерoт Федерикo Фелини од која посебно за издвојување е нивнoтo ремек-делo – oскaрoвскиoт „Амaркoрд“, е нов член на Клубот на великаните. Тој е добитник на Златна камера 300 за животно дело на 38-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што од 23 до 30 септември, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија е планирано да се одржи во Битола.
И, кога сме веќе кај него, кај неговото неодминливо творештво, не смее да се заборави и тоа дека Ротуно не само што се смета за рoдoнaчaлник нa пoвoениoт итaлијaнски филм, што подразбира дека ја потпишал визуелизацијата на бројни класици на творци како големите Дарио Аргенто, Дино Риси, Марио Моничели, Лукино Висконти, туку е и кинематограферот за чии услуги се грабале и интернационалци како Мајкл Николс („Волк“), монти-пајтоновецот Тери Гилијам („Авантурите на баронот Минхаузен“) и еден Боб Фос („Сиот тој џез“).
Слично како и во случајот со холандскиот кинематографер Роби Милер минатата година, Ротуно, кој за сопствената креација е добитник меѓу другото на Оскар, Златна палма во Кан, наградата Бафта и мал милион национални признанија, поради возраста нема да дојде во Битола и наградата (статуетката изработена од скулпторот Димитар Филиповски) најверојатно ќе му биде предадена на неговиот следбеник Лука Класин кој ќе дојде во Македонија или, во најдобар случај, врачена на легендарниот директор на фотографија во неговиот дом во Рим.
Но, наспроти ваквите информации, на само неколку месеци пред почетокот на 38-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, и натаму е неизвесно неговото одржување. Од Друштвото на филмски работници на Македонија, досегашните организатори на манифестацијата, велат дека причината за тоа е што Агенцијата за филм сè уште не дала одговор на нивната апликација и тие сè уште немаат потпишано договор со кој треба да биде озваничено финансирањето и одржувањето на случувањето.
„Агенцијата за филм на чело со директорката Мими Ѓоргоска Илиеска се однесува како да е тоа нејзина лична своина и како средствата што тие треба да ги доделат за организација на овој Фестивал се нивни лични и така се однесуваат. Ние во месец декември, навремено, со целата потребна документација аплициравме на Конкурсот за фестивали манифестации што беше распишан, но еве и самите сте сведоци, иако законскиот рок предвидува само 60 дена за прифаќање или отфрлање на поднесокот, и по цели шест месеци од нивна страна немаме никаков одговор“, вели Роберт Насков, претседател на Асоцијацијата на филмските професионалци.
Тој дополнува дека во меѓувреме имале и неколку разговори со Ѓоргоска, дека под сомнителни околности се појави уште една асоцијација која пројави желба да го организира Фестивалот па затоа ним и не им преостанува ништо друго освен да апелираат за побрзо решавање на проблемот.
„Доколку во текот на наредната недела не дојде до потпишување на овој договор сериозно ќе биде доведено во прашање одржувањето на ова издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, ќе рече Насков.
Благоја Куновски Доре, пак, истакнува дека е жалосно што некој си поигрува со реномето и угледот на една од најрепрезентативните интернационални манифестации во земјава и дека природниот и оригиналниот организатор на ова случување е Друштвото на филмски професионалци на Македонија.
„Јас не признавам никаква политизација на манифестацијата. Никаква партиска инволвираност. За мене Фестивалот е аполитична територија посветена на филмската уметност и филмофилите. Не ни требаат никакви политики ниту мене ниту на мнозина од вас. Политичарите се само луѓе кои треба конечно да сфатат дека треба да бидат во функција на културата. На овој фестивал. Сè друго е излишно“, потенцира директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, пренесува порталот Р.С. „Слободна Европа“.