Skip to main content

Пролонгирана постапката за изградба на првата катна гаража во Охрид


Пролонгирана постапката за изградба на првата катна гаража во Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

Постапката за избор на фирма што ќе ја изработи проектната документација за катната гаража кај Ривиера е поништена. Проектантската фирма која на првиот оглас била избрана како најдобра за идејното решение и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор не се усогласиле во цената на проектирање по метар квадратен. Најчесто досега во изградбата на катната гаража по метар квадратен проектот изнесуваше од 5 до 10 евра, за ТВМ Телевизија, информира Цветко Грозданов директор на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

„ Самиот изведувач укажа дека нивната цена на проектот е 30 евра по метар квадратен што за мене беше релативно висока цена. Комисијата од АД укажа дека цената исто така е висока. Проектанската фирма која го доби идејното решение не попушти во висината на цената по метар квадратен што за наши услови беше надвор од пазарната цена“, вели Грозданов.

За катната гаража е изработено идејно решение. Според идејниот проект ќе има приземје и четири ката, а ќе се протега на површина од 4.500 метри квадратни. Претходниот состав на владата за овој проект во соработка со Локалната самоуправа на Охрид направи специјален план со кој беше променето деталното урбанистичко решение со цел да се изгради катната гаража која терба да обезбеди паркинг места за околу 250 возила. Грозданов информира дека во тек е процедура по постапката на Министерството за финансии за обештетување на граѓаните кои што имаат дел од земјиштето во која е зацртана градбата на катната гаража.

„ Извршено е вреднување на вештак за чинење на неизградена површина во тој реон. Физичките лица незадоволни поведоа постапка пред суд. Во процедура сме судот да повика вешто лице да одлучи за обешетување на лицата“, напоменува Грозданов.

Следува нов оглас за избор на проектант по веќе добиено идејно решение и решавање на имотно-правните односи. Градбата на катната гаража се одложува некаде до септември, напоменува, Грозданов.