Голем интерес за запишување на децата во охридските градинки
Голем интерес за запишување на децата во охридските градинки.
Долга е листата на чекање за упис на децата во еден од петте објекти и четири подрачни градинки во Охрид. Голем е интересот за згрижување на децата во охридските градинки. Родителите на околу 240 деца бараат слободно место. Од градинката Јасна Ристеска напоменуваат дека точната бројка на сободните места ќе се знае во август.
„Ќе се потрудиме да примиме колку што е можно повеќе деца. Станува збор за деца од сите возрасни групи. Не ќе има можност сите да се згрижат, но колку што можеме ќе се потрудиме да прифатиме, за родителите да можат да го остварат својот работен процес, нагласува Костеска.
Капацитетот на градинката Јасна Ристеска во 5 те објекти и четирите подрачни градинки е 670 деца, а до месец мај градинка посетувале 1024 деца. Во градинката со прекини престојувале 1300 деца. Роза Костоска директорката на градинката напоменува дека во подрачните објекти во Велгошти, Лескоец, Пештани и населбата Радојца Новичиќ има сместено над 30 деца, бројка над нормативот, но вработените вложуваат максимален труд за децата безбедно да престојуваат во градинка. На повидок сеуште нема изградба на нова градинка со која би задоволил интересот на родителите да ги згрижат децата додека се на работа,а да се запазат сите стандарди пропишани со законот, но затоа од градинката најавуваат реконструкција на еден од постојните објекти.
„Деновиве треба да заврши тендер за реконструкција на објектот Развигорче што ќе се одвива во летниот период. Почнати сме уште во септември-октомври, а сега ќе продолжиме. Рекострукцијата ќе е на енергетска ефикасност на фасадата, замена на дограмата и плочките во санитарните јазли“, информира Костеска.
Директорката напоменува дека во преговори се за проширување на капацитетот со адаптација на простории во подрачното училиште „Григор Прличев“ во населбата Рача.