Стружани и денес протестираа
Од претставници на Владата на РМ им било ветено дека ќе се бара решение за проблемот
Со блокирање на крстосницата која ги спојува регионалните патишта за Охрид, Дебар и граничниот премин Ќафасан тие сакаат да го свртат вниманието кон проблемот со дивата депонија која го загадува градот. Од претставници на Владата на РМ им било ветено дека ќе се бара решение за проблемот. Ако не се исполнат ветувањата, стружани од среда ќе ги радикализираат протестите.
Блокирана крстосницата која ги спојува регионалните патишта за Охрид, Дебар и граничниот премин Ќафасан. Граѓаните на Струга и денес на ваков начин протестираа, со цел да го свртат вниманието на јавноста кон проблемот со дивата депонија која го загадува градот.
Еднаш за секогаш треба овој проблем да се реши. Благодарение на конфигурацијата на градов имаме реки, води, планини, затоа мислам дека има начин да се изнајде решение каде оваа депонија да се дислоцира.
Не само јас туку треба да излезат сите и албанците и турците и власите и ромите и сите што живеат во овој град. Се работи за страшно загадување на Струга со тешки здравствени последици и појава на канцер и други разно разни заболувања.
Целта на протестот е да продолжи притисокот врз надлежните органи за итно и целосно гаснење на запалената депонија, како и повторување на барањето за наоѓање среднорочно и долгорочно решение и дислокација на депонијата,велат од Граѓанската иницијатива „Доста“ од Струга.
Протестираме за чиста Струга. Нашата парола денес е „На Струга плуќа да имам“. Ги охрабрувам сите да доаѓаат на протестов, а ние ќе се бориме нешто да промениме, вели Глигор Ќатоски од граѓанската иницијатива „Доста“.
Имавме средба со претставник од Владата на РМ и од негова страна ни беше ветено дека на почетокот на наредната недела ќе се одржи владина седница на која ќе се донесат конкретни одлуки за донесување механизација со која ќе се запре горењето на депонијата, вели Ќатоски. Но, ние не се задоволуваме само со тоа бидејќи бараме Владата да донесе одлука за дислокација на депонијата, додава тој. Ако не се исполнат ветувањата, од среда ќе се радикализираат протестите.