Ставен камен темелник на новиот пазар
Официјално удрен камен темелникот за изградба на современиот градски пазар во Охрид. Отчетно, транспарентно и со крената глава стоиме пред охриѓани реализирајќи ги ветените капитални проекти, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Денес со свечен чин беше удрен камен темелник на затворениот пазар во Охрид. Градоначалникот Никола Бакрачески во оваа прилика кажа дека охридската градска власт ги исполнува ветувањата пред граѓаните, а градскиот пазар на охриѓани им бил ветуван неколку години наназад. Бакрачески истакна дека после една голема и комплексна постапка за реализација на овој капитален објект, граѓаните препознаваат кој работи, а кој само ветува.
„Пазарот ќе биде опремен со околу 190 тезги изработени по сите хасап и халал стандарди а во рами на објектот ќе биде изграден и подземен јавен паркинг и тоалети. Она што на овој град долго време му недостасува особено на ова централно градско подрачје“ – вели Бакрачески.
Вкупната вредност на инвестицијата за затворениот градски пазар изнесува околу 4 милиони евра. Пазарот ќе се протега на 1.230 метри квадратни. Со овој проект предвидено е да се реконструира и халата за текстил со изградба на уште еден спрат со површина од 256 метри како и реконструкција на фасадата и кровот на постоечката зграда на ЈП.