Skip to main content

Има ли решение за дивата депонија во Струга

Има ли решение за дивата депонија во Струга. Министерот за животна средина Садула Дураку,  министрите без ресор Зоран Шапуриќ и Рамиз Мерко како и ВД Градоначалникот на Струга Мустафа Забзун денес во Струга разговараа околу овој долгогодишен проблем. Засега нема трајно решение, но ќе се бара краткорочно. Една од опциите е отпадот од Струга да се депонира на Буково.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Проблемот со депонијата во Струга, министерот за животна средина Садула Дураку, министрите без ресор Зоран Шапуриќ и Рамиз Мерко како и ВД Градоначалникот на Струга Мустафа Забзун ги седна на маса. Но, и после едночасовен разговор тие не излегоа со конкретно решение за овој горлив проблем. Рекоа дека во моментов се формирани специјални тела составени од експерти кои ќе работат на случајот за да се најде некое краткорочно решение за депонијата која ги труе граѓаните на Струга, а во меѓувреме ќа се бара и простор за изградба на регионална депонија со што трајно ќе се реши овој проблем.

Краткорочните решенија се да се згасни прво пожарот, да се види со која механизација се располага. Дојдовме со најдобра намера да отвориме процес кој ќе го терааат овие експертски групи и веднаш ќе ја информираме јавноста. Овој проблем не може да се реши за две минути, вели Шапуриќ.


ВД градоначалникот на Струга рече дека овој проблем се провлекува години наназад и дека уште кога градоначалник беше Зијадин Села побарале од тогашниот министер за Животна средина да се зафати со негово решавање, но не наишле на соработка. Тој изрази задоволство од новиот состав на Владата и новиот министер за животна средина кој иницирал прашањето веднаш да се стави на владина седница со цел да се најде решение за истото. Сега во оваа фаза планирано е депонијата да се згасне па потоа да се конзервира и со механизација да се исчисти.

Не е само да се конзервира депонијата проблемот е каде тоа ѓубре потоа ќе се носи. Затоа денес имаме средба со охридскиот градоначалник со кој ќе разговараме за привремено депонирање на отпадот од нашата општина на депонијата на Буково, вели Забзун.

Депонијата во близина на Струга која постојано гори и со чадот се пренесуваат отровни материи навистина е опасна по здравјето на стружани. Тие веќе подолго време протестираат предводени од Граѓанското здружение „Доста е“ и бараат истата најпрво да се изгасне а потоа и да се дислоцира. За утре е најавен нов протест на кој повторно ќе го искажат своето незадоволство.