при крај се градежните работи во болницата „Св Еразмо“
Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“, Охрид, функционира дијагностичкиот центар. Директорот на болницата вели дека во оваа болница во моментов и се гради но и без никаков прекин се прават сите потребни прегледи и интервенции од нивната специјалност. Дијагностичкиот центар е опремен со современа апаратура по светски стандарди.
Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“, Охрид веќе една година и пол се реновира и адаптира. Во моментов во завршна фаза се градежните активности, се носи опрема, а веќе во функција е ставен и дијагностичкиот центар, открива првиот човек на оваа установа д-р Митко Тилевски.
„Овде профункционира компјутерскиот томограф, трислајсниот Сименсов, кој ни го обезбеди Министерството за здравство, исто така го имаме и новиот дигитален рентген апарат Минолта имаме и други апарати кои се веќе во функција, а пред се кои се во интерес за подобрување на дијагностиката на пациентите кои доаѓаат кај нас и што се лекуваат“
Д- р Тилевски најави дека за неколку месеци се очекува и префрлање на кардиолошкиот завод, во рамки на нивниот болнички комплекс.
„Со доаѓањето на Кардиолошкиот завод, се надеваме дека тоа ќе биде во октомври ноември, месец, болницата ќе профункционира како една целина, каде што ќе се вршат и нивните ангиографски иследувања што ќе придонесе за квалитетна услуга за пациентите кои што кај нас доаѓаат од цела Македонија“ – вели Тилевски.
Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“, отсекогаш била позната по квалитетот на услуги, посебно во областа на ортопедијата, со број на прегледи кој секогаш го надминува максимумот, вели Тилевски. Тој очекува дека со доаѓањето на Кардиолошкиот завод, ќе прераснат во современ клинички центар кој ќе може комплетно да одговори на барањата на пациентите, а смета дека тоа во нашиот Балкански бисер е повеќе од потребно, посебно во летниот период кога фрекфенцијата на гости е поголема.