Туристичките работници со предлози и барања до министерот за економија, Крешник Бектеши
Министерот вети дека нивните предлози и барања ќе бидат разгледани, а вети и разговори со Локалните самоуправи со цел создавање подобра клима за туризмот не само во регионот на Струга и Охрид туку и во целата држава.
Нелојалната конкуренција, туристички агенции кои функционираат на црно, хаосот во такси превозот кој се случува особено во летниот период, се само дел од проблемите кои туристичките работници од земјава денес му ги предочија на министерот за економија на РМ Крешник Бектеши. Министерот, со ветување дека владата сериозно ќе ги разгледа предлозите на хотелиерите и ќе се завземе за решавање на истите.
„Ние Како Влада и Министерство за економија ќе ги разгледме сите нивни предлози. Ќе разговараме интерминистерски и со локалната самоуправа за овие предлози да ги спроведеме и со тоа да направиме подобра клима за туристите во регионот на Струга и Охрид но и на теритоија на цела Македонија“, рече Крешник Бектеши министер за економија.
Од Здружението на хотелиери ХОТАМ со барање за намалување на ДДВ-то на храната и пијалоците од 18 на 5%, a покрај останатите предлози од страна на туристичките работници беше истакната и потребата од отоврање на бродски линии на езерото особено враќање на некогашната бродска линија Охрид-Струга.
„Подобрување во насока на инфраструктура, краткорочно работење, отварање бродски линии во езерата низ Македонија со кои би се допринело за полесен транспорт. Имавме еден пример дека во еден од колегите во 1960 и некоја дека патувал на работа со брод од Охрид до Струга, таа бродска линија не постои, тоа наше барање е дадено од одамна“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Како еден од најголемите проблеми кој сериозно го нарушува имиџот на земјава како туристичка дестинација, беше посочен и проблемот со постоењето на „човек агенциите“, кои под сомнителни услови, но на клучни места на туристите им нудат екскурзии.
„Тие екскурзии се даваат на нападен начин на странските турсити од кои веќе имаме реакции и би побарале координативна акција на инспекциските служби, но и активна вклученост на МВР во спречување на овие девијаннти појави“ посочи Асим Меџедовиќ – ТА „Фибула травел“.
Хотелиерите побараа воведување ред во такси превозот и на вода и на копно. Униформирани таксисти и кајчари со име и презиме, но и цена на услугите. Целта на сите барања на хотелиерите и претставниците на туристичките агенции е подобрување на туристичката клима во Република Македонија.