Пресечено повеќе децениско зимзелено дрво кај „Летница“
Некои од граѓаните на Охрид и туристите не се согласуваат со ваквата постапка на службите на локалната самоуправа.
Падна уште едно повеќе децениско зимзелено дрво како резултат на одлуките на Комисијата за сечење дрва при локалната самоуправа. Овој пат станува збор за дрво лоцирано во близина на градскиот плоштад веднаш до угостителскиот објект „Летница“. Граѓаните на Охрид и туристите кои ги анкетиравме не се согласуваат со ваквата постапка на службите на локалната самоуправа. Велат дека на Охрид му е потребно зеленилото и се надеваат дека службите на локалната ќе донесат одлука, на местото на дрвото да биде засадена садница од друго растение.
Од локалната самоуправа со став дека станува збор за постапка која е спорведена единствено во насока на безбедноста на охриѓани. Имено, неодамна, за време на одржувањето на манифестацијата „Охрид трчаТ“ поголема гранка од ова дрво паднала, но за среќа во инцидентот немало повредени лица, вели Томе Џамтоски – портпарол Општина Охрид.
„Во една реченица требаше да почекаме да се скрши уште една гранка, знаете дека неодамна имаше инцидент, се скрши една гранка и може да бидат повредени луѓе, за среќа тоа помина без последици.Нашата комисија за отстранување дрва направи увид на лице место и стручно се заклучи дека тие дрва се стари и дека дел од нив мора да се отстранат, а на дел да им се проретчат крошните. И нема ништо спорно во целата постапка“, објаснува Томе Џамтоски – портпарол Општина Охрид.
Во врска со реакциите и предлозите на граѓани на социјалните мрежи зошто не било пристапено кон заштитување на растението наместо истото да се сечи, Џамтоски вели дека станува збор за дрвја стари 4,5 децении, а со оглед на тоа што за тоа време не била водена соодветна грижа, препорака на стручните служби била дрвото да се отстрани, од безбедносни причини. Од Локалната додааат дека доколку има услови, на местото на дрвото ќе биде засадена садница од друго растение, со оглед на тоа што дел од просторот каде се дрвата е државно земјиште но дел од нив се наоѓаат на приватен имот.