Skip to main content

Ново научно дело од областа на нумизматиката

„Монетарна циркулација на Плаошник – Охрид во римскиот империјален период“ ново научно дело од областа на нумизматиката. Книгата е на нашата охриѓанка Сања Битрак, археолог и нумизматичар вработена во Археолошкиот музеј во Скопје и содржи многу значајни податоци кои до сега се непознати за научната јавност. Таа беше промовирана во куќата на Уранија пред широк аудиториум.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Збогатена збирката на научни дела од областа на нумизматиката. Охриѓанката Сања Битрак, археолог и нумизматичар вработена во Археолошкиот музеј во Скопје го престави пред охриѓани научното дело „Монетарна циркулација на Плаошник – Охрид во римскиот империјален период“ на кое работела повеќе 6 години вложувајќи го сето свое знаење и искуство.

Книгата содржи 287 примероци на монети пронајдени на локалитетот Плаошник во периодот од 2001 до 2010 година. Монетите се ковани од сребро и бронза од 31 година п.н.е до 337 од нашата ера, односно од времето на владеењето на императорот Август па се до владеењето на царот Константин. Истите се многу значајни како културно наследство, вели авторот.

Ова научно дело уште еднаш потврдува дека Охрид бил значаен економски центар во античко време. Лихнидионите биле монети кои биле ковани во древниот Лихнид , а свои монети имало и племето Десарети кои го населувале овој простор. За време на истражувањата на Плаошник пронајдени биле над 20.000 монети коишто не само што го збогатија нумизматичкиот фонд на градот, туку и дадоа некои податоци за економската и историската активност на овој град и регионот. Книгата содржи многу значајни податоци кои до сега се непознати за научната јавност. Промоторот на делото, Д-р Славица Бабамова истакна дека со ова дело многу ќе им се олесни на научниците при нивните натамошни истражувања.

Ова дело е такво што на одреден начин преку анализа и студија на монетите во археолошките истражувања спроведени од 2001 до 2010год. Да ни ја раскаже историската приказна не само за Плаошник туку и за Лихнид, рече Бабамова.

Промоцијата на книгата „Монетарна циркулација на Плаошник – Охрид во римскиот империјален период“ беше во организација на НУ Завод и Музеј Охрид.
Ова е прво дело на Сања Битрак и поттик за нејзини понатамошни истражувања во оваа област.