Skip to main content

Нова сезона со стари комунални проблеми за хотел Далјан

Нова сезона со стари комунални проблеми за хотел Далјан. Објектот  и понатака е без осветлување на приодниот влез. За гостите кои уживаат во убавините на овој дел од охридското крајбрежје во вечерните часови нема ни пешачка патека по која ќе се движат безбедно.

 |  Валентина Неловска  | 

И оваа сезона барањата на хотел Далјан да се осветли пристапот од главниот пат до влезот во хотелот и Извидничкиот центар останаа само на хартија. Приодот до овие два објекти кои во летната туристичка сезона се привлечни за многу гости во вечерните часови тонат во мрак.

„Времето е прекрасно погодено. Летувалци полно, а проблемите остануваат. Наш проблем и на Извидничкиот центар е што во 21 век нема осветлување. Две бандери со светло настрадаа во сообраќајна несреќа, но и покрај нашите барања до ЛС светилките не се поправени, а пристапот од главниот пат до Извиднички центар не е осветлен“, кажува Славица Стефаноска директор на хотел Далјан.

Кога зборуваме за развој на туризмот недозволиво е да зборуваме за основни проблеми кој треба да се надминат како што се улично осветлување и пешачка патека. Тротоарот е друг проблем кој фрла сенка врз работата на туристичките објекти.


„ За жал и тротоарот не е направен. Патеката е убава и се надеваме наредниот пат да се догради нешто слично за да се поврзе и хотел Далјан. Од населбата луѓето сакаат да се прошетаат во овој убав недопрен дел од крајбрежјето, но фали мал дел од околу  1000 метри да се поврзе за да биде безбеден за пешаците и да се избегнат сообраќајните проблеми“, напоменува Стефаноска.
Нивна голема желба е да се поврзе овој дел од крајбрежјето и со ново изградената патеката од Лабино. Далјан и Лабино се толку блиску , а сепак многу далеку, додава Стефаноска.
Инаку, во моментов во хотелот Далјан е испополнет целиот капацитет. Хотелот е реновиран, привлечен за туристите, а најави за гости има за месец јули. Се надеваат дека добро ќе го сработат и месец август. Во туризмот деновите се броени и секој ден е дар од Господ , нагласува директорот Славица Стефаноска за летната сезона 2017.