Skip to main content

Советниците се претворени во гласачка машинерија, реагираат охридските избраници во градскиот Совет

Советниците се претворени во гласачка машинерија, реагираат охридските избраници од опозицијата во градскиот Совет. Претставниците на народот се  жалат дека не ги добиваат  материјалите навреме и  доаѓаат неспремни на седниците. Нивните колеги од позицијата молчат.

 |  Валентина Неловска  | 

Во охридскиот градски совет во последните 4 години функцијата советник е постојано деградирана, реагираат советниците Јован Стојаноски од СДСМ и Јоне Станкоски од ВМРО НП. Доведени сме во ситуација само да го подигнеме гласачкото ливче , критикуваат совениците од опозицијата. Ние сакаме конструктивни дискусии во градскиот совет, подвлекува Стојаноски.


„Ние како советници материјалите не ги добивме навреме. Критиката е упатена за начинот на доставување на материјалите како советници за да може да дискутираме. Не сакам да доаѓам на седница неспремен без да знам детали од она што ќе се одлучува. Сакам да доаѓам со спремен материјал и со конструктивни расправи со градоначалникот и советниците да дадам свој придонес “, порача Стојаноски.

Изминативе 4 години имаме перманентно деградирање на функцијата советник, се пожали и совеникот Јоне Станкоски од ВМРО-НП на досегашниот однос на службите. Институцијата Совет е највисок орган на една Локална самоуправа и не може да се заобиколува без разлика дали за некоја одлука е потребен само потпис на градоначалникот или не, кажа Станкоски.


„Не може перманентно да се игнорира оваа инситуција. Ќе гласам воздржано заради начинот на кој се гледа како гласачка машинерија без претходно да е запознаета со што Локалната самоуправа работи и допринесуваме за нешто што ќе следи во наредниот период“, критикува Станкоски.

Нивните колеги од позицијата, секретарот и претседателот на Совет ваквите забелешки ги проследија со молк. Немаше никаков коментар на изнесените забелешки во односот на функцијата советник.