На празникот Илинден Фестивалот Охридско лето донесува двојна програма
На празникот Илинден Фестивалот Охридско лето донесува двојна програма. Два музички настани ќе го одбележат овој ден на кој ќе настапат познати музички имиња. Настапуваат сопранистките сестри близначки Стафансон и пијанистката Сандра Јакоповиќ.
Концерти на два сопрани и пијано се на вечерашниот репертоар на Фестивалот Охридско лето. Во 20.30 во Света Софија настапуваат познатите сопранистки, сестрите-близначки Билјана Стафансон и Љилјана Јовановиќ, во придружба на врвната македонска пијанистка Марија Вршкова. Концертот ќе го одржат во рамките на Шведската вечер на фестивалот.
Близначките Стафансон и Јовановиќ се колоратурни сопрани кои публиката ги памети како „чудо од деца“ од времето кога на 9-годишна возраст на телевизија го исполниле дуетот од Моцартовата „Волшебна флејта“. Двете честопати настапуваат заедно на европските сцени пеејќи на повеќе јазици. Нивниот богат концертен и оперски репертоар содржи дела од Белини, Шопен, Доницети, Моцарт и Верди, како и дела од нордиски и други европски композитори. Нивните изведби се високо оценети од страна на критиката, особено нивната брилјантна интерпретација, музикалност и извонреден висок регистар.
По завршување на концертот на сопранистките, во 22 часот, како дел од музичката програма на „Охридско лето“ ќе настапи младата пијанистка Сандра Јакоповиќ од Србија. Јакоповиќ е родена на Кипар, а започнува да свири пијано на 5-годишна возраст. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Белград. Освојува бројни награди и признанија од кои едно од најзначајните е „Гран При“ на натпревар во Женева кога имала само 10 години.