На Фестивалот Охридско лето вечерва премиера на Шекспировата комедија „Сон на летната ноќ
На Фестивалот Охридско лето вечерва премиера на Шекспировата комедија „Сон на летната ноќ“ . Претставата ја донесуваат актерите од Битолскиот народен театар. Изведбата е во режија на Џон Блондел, а ќе биде одиграна на сцената на Долни Сарај.
Премиера на Битолскиот народен театар со Шекспировата комедија „Сон на летната ноќ“ вечерва на Фестивалот Охридско лето. Битолските актери претставата ја играат во режија на Џон Блондел. Ова е продолжение на соработката меѓу битолскиот народен театар и американскиот режисер. Театарскиот режисер и професор по театарска уметност на колеџот Вестмонт во Санта Барбара, Џон Блондел по трет пат се јавува како режисер по претставите „Хенри Шести“ и „Антоние и Клеопатра“. „Сон на летната ноќ“ досега ја режирал на три јазици, англиски, македонски и албански. Играта на судбината посакала случајно изречената желба, пред 10 години при посетата на Охрид, да стане реалност и тој да биде еден од учесниците на фестивалот Охридско лето, открива режисерот Блондел.
„Вечерва ќе имаме можност да ја видиме мултидимензијалноста на оваа претстава, да ја видиме магијата и се што ни отвара оваа приказна. По трет пат го работиме Шекспир во превод на Драги Михајловски и го одбрав ова дело кое за мене е значајно на полето на Шекпировите дела“, вели режисерот Блондл.
Помеѓу битолската актерска екипа се младите глумци Катерина Аневска и Петар Спироски. Анеска ја игра улогата на Титанија, моќна жена, кралица на самоволите.
„Соработката со режисерот Џон Блондел за мене беше големо искуство и предизвик. Ова е прва соработка и ми е драго што поминав процес на себе откривање и се соочив со многу предизвици. Ова е мое омилено дело од Шекспир и дефинитвивно претставува извор за мотивација на многу режисери и уметници од целиот свет“, вели Анеска.
Актерот Петар Спироски, во комедијата „Сон на летната ноќ“ ја игра улогата на Зевзек.
„Како актери, во животот си зацртуваме некои улоги кои би сакале во кариерата да ги одиграме. Од студенски денови оваа улога ми беше посакувана да ја одиграм и ми се оствари таа желба“, напоменува Спироски.
Покрај Аневска и Спироски, во претставата играат и актерите Петар Горко, Валентина Грамосли, Илина Чоревска, Никола Пројчески, Соња Михајлова, Елена Моше, Јулијана Стефаноска и др. Драматург е Билјана Крајчевска, сценограф Валентина Светозарев, костимограф Благој Мицевски, а музиката е на Марјан Неќак.