Skip to main content

Матурантите и официјално и кажаа збогум на гимназијата

Матурантите и официјално и кажаа збогум на гимназијата. Тие синоќа со симболичното фрлање на капите и со добивањето на дипломите за завршено средно образование се простија со оваа образовна институција. На остварениот успех им честитаа градоначалникот Никола Бакрачески и директорот на гимназијата Звонко Трпески, посакувајќи им остварување на нивните животни желби.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Матурантите од охридската гимназија синоќа и официјално се простија со нивните средношколски денови и со оваа образовна институција во која ги поминаа можеби најубавите години од нивниот живот. Со традиционално фрлање на капите и свечено доделување на дипломите тие ставија крај на едно поглавје во кое многу научија, но и си ги отворија вратите за уште многу да учат и да се надоградуваат и како личности, но и професионално. На свеченоста присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески кој на матурантите им порача секогаш да бидат оптимисти, да веруваат во своите потенцијали и да сонуваат, зошто само така можат да го остварат својот сон.

Стоиме денес тука на дофат на иднината. Тоа повеќе не е далечна реалност. Таа започнува овде. Таа започнува денес. Го започнавме средното училиште како деца, но вечерва заминуваме како возрасни. Завршивте средно образование кое ќе служи како платформа која ја користите за да се лансирате во вашата иднина. Некои од вас ќе одат на факултет, други ќе одат директно на работа, но секој од вас ќе патува по сопствен пат. Без разлика каде одите или што правите, пред вас ќе има предизвици. Она што го барам од секој од вас е да ги дочекате и да се соочите со овие предизвици со високо подигната глава и со отворено срце, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Пред присутните се обрати и директорот на училиштето Звонко Трпески кој со гордост кажа дека името на оваа најстара средна образовна институција во градов го носи името на патронот на Охрид, Св. Климент Охридски што е посебна чест, но и одговорност.

Нас ни покажаа одлучност и подготвеност да тргнат по патот на нивните идеали, а ние веруваме дека ќе го продолжат својот интелектуален личен развој, ќе се стремат кон повисокото, подоброто и ќе ја оправдаат нашата доверба, рече Трпески.


Порака за успешна иднина до матурантите упати и нивната соученичка од генерацијата, Поликсена Тунтева.

Најважно е и покрај сите препреки на кои ќе наидеме да не ги загубиме човечноста и чесноста, туку преку нив да изградиме еден поубав и подобар свет. И после многу години кога повторно ќе се сретнеме, да се присетиме на сите убави моменти кои заедно ги доживеавме тука и со гордост да кажеме дека сме станале вистински луѓе, рече Тунтева.


На свеченоста беа прикажани и видео презентации од класовите, им беа доделени дипломи на најдобрите, а настанот беше збогатен со културно-уметничка програма.