Македонското вино и сирење се надалеку прочуени
Македонското сирење и вино се надалеку прочуени. Викендов, охриѓани и бројните туристи имаат можност да ги дегустираат вкусовите на различните преработки од овие производи на традиционалниот охридски „Фестивал на вино и сирење“.
Викендов нашиот град во знак на „Фестивалот на вино и сирење“. Продолжува традицијата македонските винарски визби, млекарници и индивидуални производители на сирење, на едно место, на неколку штандови на плоштадот Крушевска Република во Охрид да ги презентираат своите производи пред туристите и останатите посетители. Заменик градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев вели дека оваа манифестација е само продолжение на бројните активности кои ги организираат заедно со граѓаните.
„Денес сме сведоци на спојување на два вкуса две убавини, убавината на виното и сирењето од една страна како промоција, презентација, но и понуда и покана за сите оние туристи кои се во и надвор од земјава да дојдат во Охрид бидејќи покрај се она што имаме да понудиме имаме и прекрасна храна и вино“.
Фестивалот на вино и сирење е одлична можност за презентација на нашите преработки, вели Игор Поповски. Тој вели ова е негов прв и пробен бизнис после завршувањето на факултетот и смета дека е добро му оди. Поповски вели дека странските гости повеќе дегустираат додека пак подобри клиенти се домашните купувачи.
„Имам биено сирење, кашкавал, бело сирење овчо, изварка, свежо сирење…5 до шест производи. Мора да имаш повеќе производи за да си успешен, со еден не можиш да се пробиеш на пазарот“.
Аме Скендер е добро познато име во дебарскиот, но и поширокиот регион по производство на далеку прочуеното Галичко сирење. Тој на фестивалот за вино и сирење присутен е години нанзад. Вели дека продолжува да работи на квалитетна понуда која купувачите знаат добро да ја препознаат.
„Дебарското сирење е најбарано во Македонија тоа е најквалитетно сирење и ја носиме етикетата БИО што значи дека се е чисто незагадено. Овците наши се на планината Бистра, Стогово и Кораб распределени се. Се гордееме дека имаме најдобро сирење“.
Надалеку прочуените тиквешки лозари и производители на вино, велат, виното оди со љубовта и ако се сака не е тешко да се направи убаво вино.
„Моментално имаме 4 врсти на вина Темјаника, моментално најбарано вино на македонскиот пазар и пошироко, потоа Вранец, имаме стара тиквешка сорта Старушина која беше во изумирање, но успеавме да ја вратиме и правиме добро вино од неа имаме и Жилавка“
Она што е најважно за овој фестивал е дека ја постигнува зацртаната цел, а тоа е посетителите да го препознаат квалитетот. Дел од туристите прв пат пробале македонско сирење и вино, додека пак на добар дел од нив добро им е познато за што станува збор, дури овие производи ги бараат и во нивните земји од каде што доаѓаат.
„Многу ни се допаѓа, Охрид е преубав, центарот е одличен исто така и езерото кое е чисто и големо. Пробавме од македонското сирење тоа е познато, во Блеград го нема многу, но се наоѓа некаде. Сум слушнал за македонското биено сирење, тоа го пробав и одлично е. Сум ги пробал и вината на Стоби и супер се. Многу е убав Охридов, многу е интересен, посебно ова што го има овде, пробав од козјото сирење и си купив, преубаво“.
И годинава „Фестивалот на вино и сирење“ ги оправда најавите и очекувањата во однос на посетеноста, велат од Локалната самоуправа од Охрид. Туристите кои овие два дена беа во Охрид ќе имаат што да раскажат во нивните матични земји.