Skip to main content

Охридскиот завод и музеј ги прави завршните подготовки за учество на „Форум на словенските култури“ во Блед

Охридскиот завод и музеј ги прави завршните подготовки за учество на „Форум на словенските култури“ во Блед. Влегува во трка за добивање на наградата Жива која традиционално се доделува на најуспешните музеи. Во видео презентацијата ќе бидат претставени најрепрезентативните музеи и археолошки локалитети од охридскиот регион.

 |  Валентина Неловска  | 

Се прават завршните подготовки за учество на НУ “Завод за заштита на спомениците и музеј – Охрид“ на Форумот на словенските култури во Блед. Во видео презентација ќе биде прикажан дел од огромното културно наследство кое го има Охрид, а во кој ќе бидат претставени Куќата на Робевци, на Христо Узунов и Григор Прличев, како и Галеријата на икони, Самоиловата тврдина, ранохристијанските базилики, Музејот на вода, набројува кустосот Милчо Георгиески.


„Сега сме во фаза на подготовка на видео материјалот за да ја претставиме институцијата и нашата работа. Тешко е од огромното богатство да го собереме во 5 минути , но тие презентации се ограничени. Ние се трудиме најквалитено и најрепрезентативно сетоа она што го располагаме и достојно да го презентираме“, вели Георгиески.

Охридскиот завод и музеј за прв пат ќе учествува на Форумот на словенската култура. Поддршката ја имаат од ресорното министерство. Аплицирале во јануари, а во април допатувала жири комисија која дала дозвола за учество на форумот. На манифестацијата се доделува и наградата Жива и тоа во 6 категории за најуспешните музеи, а охридскиот музеј има извесни очекувања, вели Георгиески.

 

„Ние сме единстената институција како завод за заштита и музеј. Останатите учесници се музеи и се специјализирани за една одредена област. Ние само како музеј имаме неколку типа археолошки локалитети, Галерија и други музејски збирки. Но, самото учество на форумот е и еден вид награда“, појаснува Георгиески.

„Форум на словенски култури“ е непрофитна организација формирана во Љубљана , Словенија во 2004 година. Во него влегуваат 13 словенски, европски земји како што се покрај Македонија, Бугарија, Србија, БиХ, Хрватска, Чешка , Русија, Словачка и други.

Форумот ќе се одржи од 20 до 24 септември во Блед.