Струга и Охрид преплавени со питачи
Питачењето и оваа туристичка сезона не го одмина туристичките центри Охрид и Струга. Оваа појава останува сериозен проблем во двата крајезерски града. Од година во година се поголем е бројот на децата питачи најчесто од ромска националност. СВР Охрид годинава реализирала вкупно 47 акции во двата града.
Атрактивните туристички центри Охрид и Струга, покрај тоа што се магнет за туристите, посебно во лето се привлечни и за питачите. И оваа туристичка сезона во централното градско подрачје на Охрид регистрирано е присуство на питачи, додека пак во Струга сликата е драстично поалармантна, таму ги има насекаде. Граѓаните забележуваат дека покрај тоа што питачите се наметливи кон минувачите и туристите, често се случува доколку на питачите не им дадете по некој денар, тие да се и агресивни. Од СВР Охрид потврдуваат дека во летниот период бројот на малолетни лица што питачат се зголемува, затоа што тие доаѓаат од другите градови , надевајќи се дека заработката ќе им биде поголема поради големиот број гости кои престојуваат во Охрид.
„Ова е сериозен проблем која и тоа како ја нагрдува општата слика во двата градови кои што претставуваат туристички центри во РМ. Она што е својствено за нас како полиција е дека работиме и на решавање на овој проблем. Во изминатиов период во Охрид сме реализирале 18 активности додека пак во соседна Струга 29 акции
Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски открива дека годинава во соседна Струга позачестено е присуството на питачи а со тоа и полициските службеници во оваа општина имаат поголем обем на работа.
„Меѓу лицата кои што просат имаме затекнато и малолетни лица што всушност претставува и дополнителен проблем. Сите овие активности се преземаат во соработка со Центарот за социјални работи, ние им ги предочуваме сите наши реализации а во одреден дел се присутни и лицата од ЦСР“
Најчесто лицата кои што се затекнати како питачат се од Битола, Прилеп, Скопје, Неготино и Кавадарци, информираше Димоски. Тие најпрво се повикуваат во полициската станица, им се одземаат предметите кои ќе е затекнат кај нив, понатака лицата се предаваат на ЦСР и истите се дислоцираат од градот каде што се затекнати, односно се упатуваат до нивните места на живеење. Исто така законот за прекршоци во делот нарушување на јавниот ред и мир предвидел и казни кои изнесуваат од 15 до 30 евра во денарска противредност. Познато е дека постојат луѓе кои навистина немаат излез и мораат да просат за да стигнат до парче леб, но неоспорен е фактот дека голем број од нив сожалувањето и хуманоста кај луѓето ја злоупотребуваат.