Skip to main content

Во охридско преполовен родот на грозјето и јаболката

Во охридско преполовен родот на грозјето и јаболката. Лозарите  ќе се соочат со намалување и на квантитетот и на квалитетот од бербата на грозјето. Пролетните мразеви  и сушата направија пустош на лозовите  и овошните насади.  Најпогодени се лозјата во атарите  на селата Требеништа, Мешеишта  Лакочереј  и  Вапила.   Во Косел пак околу 80 посто е преполовен родот на  јаболката. 

 |  Валентина Неловска  | 

Преполовена годинешната реколта на грозјето во охридско од пролетните мразеви. Лозарите ќе претрпат големи загуби од годинешната берба на грозјето. Големи штети има врз локалните сорти грозје како што е вранецот, а како поотпорна на мразот се покажала сортата хамбург, информира агрономот Мирослав Трајчески.

„Ситуацијата не е сјајна родот е намален во зависност од регионот некаде од 50 до 60 посто. Погоден е регионот каде што гравитираат селата Косел, Лакочереј, Вапила. Штети има и во Требеништа и Мешеишта иако за нијанса помали, но и таму има големи штети и родот е преполовен“, вели Трајчески.

Во месец април, пролетниот мраз, предвреме собра половина од родот. Сушата, пак, ова лето го доуништи и онаа малку гроздов род што остана на пенушките.

„ Се надоврза и екстремната суша и има штети. Сушата влијаеше зрната да се мали, а количината на шеќер не е оптимална. Годинава се соочуваме со намалување и со квантитетот и квалитетот кој се очекува од бербата на грозјето“, напоменува агрономот Трајчески.

Пролетните мразеви не само што го преполови а родот на грозјето туку го намалија и родот на јаболката. Најголеми штети над 80 посто има на овоштарниците околу селото Косел , а преполовени се приносите на овошните насади во Требеништа и Мешеишта.