Skip to main content

Болидот на Браун според пропозициите

Лидерот во шампионатот на Формула 1, Џенсон Батон, доби значајна поддршка во напорите за освојување на титулата со потврдата од Судот за жалби на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) во Париз дека контроверзниот болид на Браун ГП е легален.

 |  Крсте Голабовски  | 
logo
лого
Лидерот во шампионатот на Формула 1, Џенсон Батон, доби значајна поддршка во напорите за освојување на титулата со потврдата од Судот за жалби на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) во Париз дека контроверзниот болид на Браун ГП е легален.

Судот ја отфрли и жалбата против Тојота и Вилијамс, чии болиди имаат слични двојни задни дифузери, за кои нивните ривали тврдеа дека се спротивни на духот на правилата.

Батон победи во првите две трки од сезоната во Австралија и во Малезија наспроти протестите од Ферари, Рено, Ред бул и БМВ Заубер. Четирите тима потоа се жалеа против одлуката на стјуардите.

ФИА во своето соопштение вели дека Судот, кој се состана во вторникот, а одлуката ја донесе вчера, решил да ги отфрли поднесените жалби.

„Врз основа на слушнатите аргументи и на приложените докази, Судот заклучи дека стјуардите коректно констатирале оти посочените болиди одговараат на применетите правила“, соопшти ФИА.

Батон и неговиот тимски колега Рубенс Барикело сега се фаворити за победнички хет-трик на Браун ГП во трката за Големата награда на Кина в недела во Шангај. Тимскиот шеф Рос Браун е одушевен од тоа што екипата сега може да се посвети на трките.

„Задоволни сме од одлуката“, изјави Браун. „Го почитуваме правото на нашите конкуренти да го проблематизираат дизајнот или концептот користен во нашиот болид низ каналите што им се на располагање. Техничкиот оддел на ФИА, стјуардите на Австралиското и на Малезиското гран-при и сега петтемина судии од Судот за жалби го потврдија нашето уверување дека болидите ни се стриктно според техничките правила за 2009. Одлуката на Судот го затвори ова прашање и сега ќе се насочиме кон продолжување на успешниот старт на сезоната“.

Тојота, која во моментов е втора во поредокот на конструкторите откако заврши на подиумот и во двете досегашни трки, соопшти дека никогаш не се сомневале оти нивниот болид е легален.

bolid„Ги простудиравме техничките правила во детали, консултирајќи ја ФИА во тој процес, и никогаш не се посомневавме дека болидот одговара на нив“, изјави првиот човек на тимот Тадаши Јамашина.

„Оваа одлука ќе има огромно влијание врз првенството“, смета светскиот првак од 2007 со Ферари, Кими Раиконен, чиј тим нема освоено ни поен од почетокот на сезонава.

Двократниот светски шампион од Рено, Фернандо Алонсо, минатиот месец изјави дека Браун ГП ќе биде апсолутен фаворит за титулата ако биде исчистен од обвинувањата.

„Ако дифузерите се легални, Браун ГП ќе биде речиси недостижен за сите други тимови“, изјави Шпанецот по Австралиското гран-при. Неговиот тим соопшти дека веќе имаат прототип на дифузерот што може да биде употребен во Кина.

{loadposition content9}