Skip to main content

Сеуште има слободни места во охридскиот студенски дом

Сеуште има слободни места за сместување во Студенскиот дом „Никола Карев“, за бруцошите кои ќе студираат на некој од охридските факултети. Конечна е листата само за студентите од втора, трета и четврта година, информира директорот на институцијата Марјан Ристески.

 |  Николоска Биљана  | 

Во тек е конкурсот за сместување на студенти во охридскиот студенски дом „Никола Карев“. Истиот се однесува за студенти кои се запишуваат во прва година. Директорот на домот Марјан Ристески информираше дека ја имаат конечна листа на студенти кои имале можност да аплицираат до 25 август за втора трета и четврта година. За студиската 2017, 2018 година домот на располагање има вкупно 231 легло.

„Очекуваме како и претходните години да имаме 80 – 90% исполнетост на капацитетот со кој располагаме односно некаде околу 190 студенти. Директно сме зависни од студентите кои што се запишуваат на факултетите кои што гравитираат во Охрид затоа што само оние кои што се со место живеење надвор од Охрид имаат право да бидат сместени во нашиот студенски дом

Постапката околу аплицирање во домот е стандардна. Студентите пополнуваат електронска апликација врз основа на која се доставуваат документите до домот, понатака документите се предаваат до надлажната комисија до МОН, од каде се изработува прелиминарна листа со можност за жалба се до конечна листа појаснува Ристески. Тој вели дека секоја година во предвид се земаат студентите од ранливите категории.

„Има дел од социјално ранливите категории за кои што МОН целосно ја партиципира сумата за сместување, во првата група мислам дека има 4 такви студенти кои се целосно ослободени, но листата сеуште не е завршена се додека не заврши конкурсот кога ќе се знае и точната бројка

Обврска на студенските домови во земјава е задолжително владините студенти да ги смести. Доколку останат непополнети места институцијата може да сместува и останати студенти, но тие имаат обврска да ја платат полната цена на чинење без партиципација која изнесува 6 820, во која е вклучено ноќевање, ручек и вечера. Додека пак студентите кои се со партиципација плаќаат 3900 денари а МОН партиципира со 3400 ден.