Силјаноски: За младите Охрид ќе го направиме перспективно место за живеење
За младите Охрид ќе го направиме перспективно место за живеење. Ќе се зголемува животниот стандард на граѓаните и ќе се привлекуваат младите кои ќе отпочнуваат развој на бизниси, порачуваат кандидатите за советници од СДСМ и коалицијата.
Нема ништо подраго од тоа да си ја гледате перспективата таму каде што живеете, творите, другарувате. Да работите и создавате во сопствениот град, во сопствената држава. Охрид ќе го направиме место со перспектива, место каде младите ќе ја градат иднината, порача Мишел Силјаноски кандидат на советничката листа на социјалдемократите и коалицијата. Нема ништо без развојот на локалната економија. Токму затоа предвидуваме здружување на бизнисите со општината и граѓаните за да бидат партнери во создавањето на подобар живот за сите, рече Силјаноски.
„Еден од основните предизвици со кои се соочува градот Охрид е зголемување на животниот стандард на граѓаните, привлекување на младите генерации да останат да живеат и творат во градот, генерирање на поквалитетни работни места со повисоки примања, генерирање на економскиот раст и развој“, истакна Силјаноски.
Локалните самоуправи добиваат повеќе пари, а со тоа и повеќе можности. Новата локална власт предводена од Социјалдемократскиот Сојуз има отворен и сигурен партнер во Владата на Република Македонија.
Парите ги враќаме кај граѓаните.
„ Стана реалност мерката 10.000 евра неповратни средства за младински старт ап компании со кои многу млади во Охрид ќе си ја пронајдат иднината и егзистенцијата, тука, во родниот град. Се отвораат и центри за отпочнување и развој на бизниси кои ќе ги водат токму младите низ целиот процес на стекнување на искуство и развој на нивните компании“, потенцира Силјаноски.
Мишел Силјаноски, кандитатот за советник од листата на СДСМ и коалицијата, посочи дека општината станува пријател на бизнис заедницата со која заеднички ќе се дефинираат приоритетите за развој на Охрид, а локалниот економски развој ќе се проектира и следи со бизнис форуми .