Нема поместување во односите помеѓу МПЦ-ОА и СПЦ
Истите кои некогаш историски барале право, денес нам ни го оспоруваат- рече поглаварот на Македонска православна црква г.г.Стефан на духовната академија по повод 50-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија како Македонска православна црква.
Охрид како православен центар никогаш не се согласувал со обидот на територијата на Архиепископијата да се создаде нова црковна организација. „На сите нам ни се познати црковните прилики на Балканот, кои не се само идентификација на Црквите на овој простор, туку и низ целото Православие. Станавме заробеници на форми и празни дефиниции, на политики, на суети, на историски предности и некакви права, на национални желби и посакувања“, истакна Поглаварот на МПЦ Господин Стефан на на свеченоста која викендов се одржа во Охрид по повод 50 годишнината од возобновувањето на охридската архиепископија.
„А што сакаме и што бараме ние? Ништо повеќе од тоа што го имаат сите – своја Црква, автокефална, Црква која нема да биде зависна ни од овој ни од оној центар, која ќе биде, како што била – рамноправна со сите други. Тоа го очекуваме, не заради некоја надмена потреба, тука зашто единствено на тој начин можат да се спречат сите несакани влијанија, сета омраза, сета нечија потреба да присвојува и освојува. Впрочем, го бараме тоа што сме го имале и пред нив, и тоа на што имаме право како православен народ, и по каноните и според практиката во Православната Црква“ рече, Поглавар на МПЦ Господин Стефан.
Нe постои желба кај црковните великодостојници на Српската православна црква, за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и во моментов не се водат официјални разговори и нема поместување во односите помеѓу МПЦ – ОА и СПЦ, истакна Тимотеј – митрополит на Дебарско кичевската епархија на свеченоста.
„Ние се трудиме и остваруваме релации со Руската, Бугарската, Албанската, Романската православна црква, секако на лични и индивидуални основи се среќаваме и со српски архиереји, меѓутоа од кај нив засега нема некои сериозни показатели дека имаат желба за започнување на разговори или уште помалку намера да го решаваат црковното прашање иако се свесни дека тоа е неминовност“ потенцира Тимотеј – митрополит на Дебарско кичевска епархија.
Одлуката за афтокефалност на МПЦ Светиот синод ја донесе на третиот црковно-народен собир и свечената седница одржана на 17 јули 1967 год. во црквата Св Климент Охридски во Охрид. Токму од таа причина прославата и оваа година се одржа во духовниот центар.