Николески: Да го вратиме достоинството на образованието
Во фокусот на денешната прес конференција на охридските социјалдемократи беше образованието. Кандидатот за советник од СДСМ, Ристе Николески истакна дека работат на подобрување на образовниот процес и во таа насока ќе понудат пакет мерки, а ќе работат и на создавање позитивна клима во која наставникот ќе биде мотивиран да даде повеќе, а ученикот да научи повеќе.
Да го вратиме достоинството на образованието, порача Ристе Николески, од кандидатската листа на СДСМ и коалицијата За живот во Македонија, на денешната прес конференција. Тој рече дека мора да се работи на создавање услови за соодветна професионална наобразба на наставниот кадар, а исто така рече дека во периодов што следи после победата на СДСМ на Локалните избори, посветено ќе работат на создавање адекватна инфраструктура како и на обновување на училниците и тоалетите.
„Предвидуваме изградба на четири нови спортски сали во рамки на основните училишта „Ванчо Николески“ во Лескоец, „Кочо Рацин“, „Братство Единство“ како и средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Работиме на создавање на позитивна клима во која наставникот ќе биде мотивиран да даде повеќе, а ученикот да научи повеќе. Затоа организираме семинари за наставниот кадар за тоа како да се мотивираат учениците, како да се работи во групи, да се развиваат дебати“
Николески во рамки на промотивната кампања на СДСМ за Локалните избори 2017 посебно се осврна на она што како партија ќе се залагаат да го направат за охридскта гимназија во насока на осовременување и подобрување на образовниот процес.
„Во охридската гимназија, поткровјето го приспособуваме за современа настава во кабинети, лаборатории и читални. Им помагаме на младите средношколци во изборот на нивната идна професија. Создаваме советувалиште за академско и професионално образование. Доделуваме бизнис стипендии за учениците и воспоставуваме врска помеѓу бизнис секторот и стручните училишта. Креираме советувалиште каде што ќе се покрене широка кампања за намалување на толеранцијата на насилство“.
Предвидена била и изградба на регионален центар за обука на наставен кадар во соработка со Министерството за образование во училиштето во с.Трпејца, како што нагласи Николески. Додаде дека во основното училиште „Св.Климент Охридски“ ќе креирале училиште од меѓународен отворен карактер и во насока на зачување на здравјето на учениците, ќе отвореле кантина во рамките на училиштата во која би се подготвувале здрави оброци.