Стојаноски: Шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани од Катар заинтересиран за купување на имот во Охрид
Нема да измислуваме нов Субрата Рој, истакна градоначалникот на Охрид, после реакциите во јавноста околу неодамнешната посета на шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани од Катар. Стојаноски дециден, дека негова должност била да го прими како и тоа дека во моментов шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани не се третира како инвеститор.
Неодамнешната посета на општина Охрид од страна на шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани од Катар предизвика лавини реакции во јавност. Во чаршиските но и во некои од медиумските кулоари се исплетоа разни коментари и сомнежи околу поводот и причината за неговата посета и средба со првиот човек на градот проф. Јован Стојаноски. Но во суштина на што се должеше посетата на шеикот од Катар, појаснува градоначалникот Стојаноски. Според него средбата била протоколарна и на делегацијата и биле презентирани можностите за инвестиции во областа на туризмот и хотелиерството.
„Човекот којшто беше гостин беше навистина шеик и ние тоа го проверивме уште пред да го примиме. Втора работа е тоа што неговата посета беше договорена преку Амбасадата на Република Македонија во Катар и преку Министерство за земјоделство. Тој го посети градот Охрид и наша обврска беше протоколарно да го примиме. Ние ниту сме разговарале со него лично за одредени инвестиции, ниту сме разговарале за развој на Охрид, затоа што тоа беше мој прв работен ден како градоначалник. Човекот беше протоколарно дојден и се интересираше за одредени можности за купување на имот или за инвестиции во Охрид“.
Стојаноски вели дека сосема очекувана била реакцијата на граѓаните, да настапат критизерски уште во самиот старт, за да не се повторат оние работи на коишто тој и неговата партија реагирале во минатото.
По ова прашање свој став дадоа и од ВМРО – ДППМНЕ. Координаторот Кирил Пецаков, истакна дека дефинитивно на Охрид му се потребни инвестиции во туризмот, кои што би отвориле нови работни места.
„Нормално дека таква работа поддржуваме, не поврзана со шеикот, значи секоја странска инвестиција која што ќе отвори нови работни места ние како советничка група на ВМРО – ДПМНЕ ќе ја поддржиме“
Инаку високиот претставник од Катар шеикот Јасим Бин Хамад Ал Тани, градоначалникот Стојаноски го прими на својот прв работен ден по стапување на функцијата. Тој смета дека тоа е негова должност да го прими, истакнувајќи дека дека во овој момент шеикот не се третира како инвеститор.