Дениците продолжуваат со акцијата за поубав и почист Охрид со засадување бели рози
Дениците продолжуваат со акцијата за поубав и почист Охрид со засадување бели рози. Во паркот наспроти хотел Гарден денеска тие засадија нови садници од овој цвет кој претставува филтер на воздухот.
Женскиот Лајонс Клуб „Деница“ од Охрид и годинава ја продолжи традицијата на засадување бели рози. Паркот наспроти хотел Гарден денеска беше разубавен со 50 нови садници на бели рози.
Со оваа активност, која што трае веќе 5 години, Дениците не само што го облагородуваат и разубавуваат паркот низ кој секојдневно минуваат голем број граѓани и туристи туку даваат и еколошки придонес за почиста животна средина. Белите рози не само што убаво изгледаат туку тие се и многу корисни бидејќи ги апсорбираат тешките метали од почвата. Климата во Охрид, температурата на воздухот, големиот број сончеви денови и влагата создаваат идеални услови за одгледување на ова цвеќе.
Дениците сакаат Охрид да го добие епитетот – „Град на белите рози“ и да се подигне свеста кај граѓаните не само за естетиката и убавината на овој убав цвет туку и за неговата функција на филтер на загадениот воздух.
Белите рози имаaт најголема моќ за апсорбирање на тешките метали , како оловото и кадмиумот и од воздухот и од почвата. Штетните честички белата роза ги собира во цветовите и во листовите, а токму таа има најмногу цветови, бидејќи активно цути 200 дена во текот на годината.