73 години слободен Охрид
Денот на ослободувањето на Охрид, 7 ми ноември останува вечен паментиник за идните генерации кој треба да се слави во чест за хероите кои го положија својот живот за денешната слобода, истакна градоначалникот проф. Јован Стојаноски на денешната пригодна свеченост по повод денешниот ден.
73 години слободен Охрид. Со низа свечености денес беше одбележан 7 ми ноември, денот на ослободувањето на Охрид. Херојските подвизи на борците против фашизмот нека ни бидат завет дека никогаш нема да ги заборавиме и дека нам и на идните поколенија ќе ни бидат инспирација за надминување на препреките во чекорењето на патот за што попросперитетен Охрид, истакна градоначалникот на Охрид проф. Јован Стојаноски. Тој додаде дека по ослободувањето, Охрид за брзо време стана современ економски, културен и туристички центар.
„Ве уверувам дека ние како нова Локална самоуправа, како одговорна власт макотрпно и посветено ќе работиме врз темелите на досега направеното, постојано да надградуваме нови дела кои ќе остават белег во современиот развој на Охрид. Ќе работиме на подобрување на условите за живеење на граѓаните, ќе инвестиме во инфраструктурата, образованието, културата, економскиот развој на нашиот град и други области а посебно врз промоцијата на Охрид како современа туристичка дестинација“
На свеченоста по повод ослободувањето на Охрид се обрати и претседателот на Созузот на борците од НОВ и граѓани продолжувачи Гоце Георгиевски. Тој истакна дека денешниот датум 7 ми ноември 1944 година зазема посебно место во историјата на македонскиот народ.
„Сега кога имаме слободен Охрид и самостојна македонска држава, нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Храброста се покажува тогаш кога треба да се даде животот за својата татковина, но храброста се покажува и тогаш кога треба да се покажува и тогаш кога треба да се преземе одговорноста и да се работи во полза на нејзината иднина. Минатото го паметиме, историјата ја почитуваме, иднината ја градиме. Само решително и сложно, единствени, сплотени и обединети, со добри намери и јасна заедничка цел, лесно ќе успееме да го најдеме патот до неа“.
Во борбата за ослободување на Охрид, десеттици млади животи згаснаа што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојството денес цели 73 години Охрид е слободен град, туристичка, културна и духовна мека.
Инаку, свеченоста започна со интонирање на химната на Република Македонија во изведба на Ивана Коскоска, потоа беше прикажан документарниот видео запис за ослободувањето на Охрид од режисерот Илија Пиперкоски. Свеченоста беше збогатена и со културно-уметничка програма во која настапија настапија учениците од охридската гимназија Ана Филипче, Сретен Стрезоски и Мартин Пулески со поетскиот рецитал „Очи“, музичката група „Сарај“ , студентот по хармоника Петар Кочоски и флејтистката Ана Матеска од Основното музичко училиште „Методи Патче“ во придружба на професорката Ирена Веруш.