Општина Дебрца во минусно салдо
По само две недели работа, новиот градоначалник на Дебрца, Зоран Ногачески излезе со првичните податоци од направените анализи за финансиската состојба на општината.
Општина Дебрца во минусно салдо. Ваквата состојба ја наследил новиот градоначалник Зоран Ногачески според првите неофицијални податоци. Тој вели дека изминативе две недели неговиот тим детално ја скенира состојбата во општината и првичните подеатоци кои не се конечни, кажувале дека околу 8 милиони денари се доспеани обврски кон општината, неплатени.
„Иако поранешниот градоначалник на самото примопредавање кажа дека општината ја остава во позитива со 800 илјади…тој само ја спомна моменталната состојба на сметката. Меѓутоа за да имате една целосна претстава во каква состојба се наоѓа општината вие треба да направите целосна анализа, значи не да видите колкаво е салдото во моментот на примопредавањето на функцијата туку треба да ги видите и другите моменти колку општината има побарувања и долгови“
Ногачески вели дека наследените проблеми мора да се решаваат, но сепак негов приоритет пред дебрчани било реализација на неговата изборна програма која им ја понудил на граѓаните. Тој нагласи дека поголемиот дел од програмите од сите сфери до крајот на годинава кога треба и да се усвојат од страна на советот, ќе ги вгради во општинските програми на Дебрца. Посебен приоритет Ногачески ќе даде на програмите од социјалната сфера каде имал многу олеснителни мерки за граѓаните од ранливата категорија.
„Ние рековме дека значително ќе ги намалиме трошоците во делот на непродуктивни трошења како што имаше во минатиот период и поголем дел од тие средства ќе ги алоцираме за социјални трансфери. Значи во програмата за социјални политики односно социјален развој на општината, предвидуваме посебни мерки, зголемување на средствата за еднократна парична помош, субвенционирање на дел од општинскиот линиски превоз, субвенционирање на делот на комунални услуги за домаќинсктва кои западнале во социјален ризик или веќе дошле под прагот на сиромаштијата“.
Ногачески веќе од наредната година во образованието најави дека ќе ја воведи мерката бесплатна ужинка за 230 дечињата од Основното училиште. Исто така Ногачески предвидува да придаде важност на реализација на програмата за комунален развој, локална инфраструктура, спортот образованието, јавното осветлување.