Обилниот дожд во Охрид поплави дел од улицата Васил Стефоски во Грашница
Обилниот дожд во Охрид поплави дел од улицата Васил Стефоски во Грашница. Поплавени беа и неколку улици во населбата Билјанини извори, а со вода беше покриена и улицата пред Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Од ЈП „Нискоградба“ информираат дека за тоа е виновен краткотрајниот и обилен дожд.
Жителите од улицата Васил Стефоски кај Грашница утрово реагираа на поплавената улица. Кажуваат дека во близина на кампот Партизан се затнати две шахти и тоа од атмосферската канализација и од колекторот. Реагирале до ЈП „Нискоградба“ и пред 10 тина дена кога заврнал исто така пообилен дожд, но кажуваат дека сликата се повторува. Граѓани се пожалија дека минувањето и движењето на пешаците и возилата било отежнато утрово и на улицата која минува пред Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Свети Стефан.
Од ЈП „Нискоградба“ за посочениот проблем во писмено соопштение информират дека зголемениот прилив на вода од краткотрајните и обилни врнежи предизвикале излевање на шахти за одведување на атмосферска вода во населба Даљан на улицата Васил Стефоски.
Екипи на ЈП „Нискоградба“ извршиле увид на терен и пристапиле во решавање на проблемот. До мобилната екипа за отстранување на дефекти во теков на денешниот ден граѓаните пријавиле дефекти и на неколку други градски улици меѓу кои Галичица, Дејан Војвода, Питу Гули, Јане Сандански и Никола Карев. Повеќето од нив се тековни проблеми кои што се случиле заради зголемениот прилив на вода поради краткотрајниот дожд, стои во писменото соопштение од ЈП „ Нискоградба“.