Варошани тешко добиваат градежни одборенија заради старите ДУП планови
Варошани не можат да интeрвенираат на семејните куќи заради старите ДУП планови. Тешко добиваат одобренија за било какви градежни интервенции. Во одредени делови од стар град има потреба од поправка на калдрмата која се уништува од тешките товарни возила, посочуваат од урбаната заедница. Варошани бараат институциите да ги решат нивните комунални потреби.
Варошани се судираат со урбанистички проблеми при интервенции на нивните семејни објекти. Граѓаните од овој дел од градот се со врзани раце кога имаат потреба од градежни одобренија, вели Горан Патчев претседател на УЗ Стар Град , а до која реагираат граѓаните и бараат системско институционално решавање на нивните комунални проблеми.
„Потребата од ажурирање на катастарски подлоги, ажурирање на Детални урбанистички планови кои на голем дел од стар град се стари од 1995 година. Тоа е голема пречка да го планираат семејниот развој на нивните објекти и семејства. Тешко се добиваат одобренија за било какви интервеции на деловите каде што се стари урбанистичките планови“, напоменува Патчев.
Претседателот на УЗ Стар Град укажува и на помали комунални потреби кои варошани ги бараат покрај горливиот градежен проблем да се решат и каде што надлежните претпријатија треба да интервенираат.
„Замена на канализција, водовод, стари шибери, замена на шибери на стари шахти, поставување на хидрантска инсталација по улиците, како и уредување на калдрмата. Често има неквалитетна изградба на калдрма која треба да се решава континуирано, а не инцидентно. Калдрмата не трпи тежок сообраќај и има потреба од поправка на улиците во стар град“, кажува Патчев.
Варошани, посебно повозрасните жители имаат потреба и од повеќе продавници во делови од стар град. За купување сега мора да слегуваат во центарот на градот бидејќи имаат само една маалска продавница каде што се снабдуваат со секојдневни прехранбени артикли.