Сидриштата за кајчината да се обележуваат со бови, а не со пластика, иницијатива на УЗ „Стар град“
Пластичните предмети да се заменат со бови при пуштање на кајчината в езеро, предлог иницијатива на УЗ Стар град. Станува збор за многу мала инвестиција , велат од Капетанија. Тие напоменуваат дека немаат инструмент да им наложат на граѓаните да не користат пластични предмети туку дека тоа е работа на нивна добра волја и на чувството за етика.
Крајбрежниот појас на Охридското езеро се нагрдува со пластичните шишиња и канти со кои се обележуваат патеките при пуштање на кајчината во езерските води. Со предлог иницијативата на УЗ Стар град се бара еколошки пристап на сопствениците и промена на досегашните навики , посочува Горан Патчев претседател на оваа УЗ.
„Ние имаме иницијатива да се изработат типски бови со број на регистрација на кајчината. Затоа што во летниот период кога има туристи тие шишиња за пуштање изгледаат како ѓубре во езерото. Туристите не знаат дека тука се припуштаат кајчина“, подвлекува Патчев.
Постои ли начин да се натераат сопствениците доколку не се согласат доброволно да ги сменат навиките и да не користат пластични предмети туку да поставуваат бови при пуштањето на кајчината в езеро го прашавме капетанот Горан Устијаноски од Капетанија на Пристаништата на РМ.
Станува збор за добра волја,чувство за етика и морал, а многу мала инвестиција, друг начин нема да ги натераме да ги сменат досегашните навики, вели Устијаноски.
„Секој сопственик кој користи сидриште на отворена акваторија тој става сидро и синџир.Купувајќи цела опрема за пловните објекти како што се појаси, весла, пумпи , мотор треба да набават пластични бови и да ги испишат регистарските броеви на кајчината. Тие ќе служат наместо неугледните канти и и шишиња за обележување на сидриштата. Никаква филозофија нема кога се купуваат реквизитите за пловните обејкти да се купи и елементарната бова која чини пет пари“, кажува капетанот Устијаноски.
Капетанот Устијаноски додава дека постојано се намалува бројот на охридските кајчина.Во текот на годината кај нив се регистрираат околу 5 кајчина. За сметка на традиционалните кајчина пак, постојано се зголемува бројот на регистрирани увозни пловни објекти и тоа околу 30-тина во текот на годината.