Skip to main content

Започнаа градежните работи за поставување јавни тоалети

Започнаа градежните работи за поставување јавни тоалети на две локации во градов. Со ова решаваме еден огромен проблем што во градов се провлекуваше години наназад. Тоалетите треба да бидат ставени во функција.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Започнаа градежните работи за поставување јавни тоалети на две локации во градов. Едната локација е во централното градско подрачје до Амамот, другата кај Горна Порта. Избраниот изведувач, фирмата „Тане 2007“, заедно со претставници од Центарот за развој на Југозападниот плански регион кои се носители на овој проект , деновиве извршиле увид на сите потребни инфраструктурни услови и придружни активности кои треба да се преземат. Локалната е ангажирана околу обезбедување на приклучоци за струја, поставување на броила, приклучок за вода и канализација во овие контејнери.
Локациите се избрани како најфреквентни бидејќи многу туристи поминуваат токму таму. Нема кој не го посетува стариот дел на градот, а локацијата кај Амамот е во строгиот центар каде има и најмасовна посетеност, вели Томе Џамтоски- портпарол на Локална самоуправа.

Јавниот тоалет кај Трговскиот Центар „Амам“ ќе има три тоалети, за мажи, жени и лица со посебни потреби, додека оној кај Горна порта ќе биде со два тоалети, за мажи и жени кој ќе биде прилагоден и за лица со посебни потреби. За одржување на тоалетите според првичните најави најверојатно ќе се грижи Јавното Комунално претпријатие, кои ќе ангажираат свои луѓе за оддржување на хигиената.


Со ова решаваме еден огромен проблем што во градов се провлекуваше години наназад. Сега овие тоалети ќе се стават во функција и добро ќе се одржуваат, вели Џамтоски.


Средствата се обезбедени преку националниот буџет преку програмите за рамномерен регионален развој на Министерството за Локална самоуправа и бирото за регионален развој и се во износ од 15 000 евра. Сите активности околу обезбедувањето на услови, изработка, опремување и монтажа на санитарни контејнери треба да биде завршено до крајот на годинава. Такви тоалети освен во Охрид, ќе бидат монтирани и во Вевчани и Центар Жупа.