Градот достоинствено го одбележа патронатот и својот заштитник Св. Климент Охридски
Градот достоинствено го одбележа патронатот и својот заштитник Св. Климент Охридски. Врачени се наградите за животно дело на Проф.Никола Бошале и повелбите на Проф. Ангела Василеска и Супер радио. Охриѓани го слават неговото грандиозно дело кое е нераскинливо поврзано со Охрид, Македонија и Европа.
Охрид достоинствено го одбележа својот патронат и заштитник Св. Климент Охридски. По тој повод празникот беше одбележан и со свечена академија на која присуствуваа голем број охриѓани и гости. Повеќе од 11 века со својот дух и трајни световни пораки Св .Климент на многу генерации им го осветлил патот и ги водел кон иднината. Во многу вековното битусување на Охрид, низ неговите цивилизациски пластoви, свој белег оставиле неимари, цареви, освојувачи и владатели и духовни водачи кои со своите дела ја моделирале вечноста на овој град, но Св Климент со својот хуманизам , просветителство, како световен човек и наш врховен светец, го зазема почесното место, истакна меѓу другото градоначалникот Јован Стојаноски во својата пригодна реч.
„ Грандиозното и боженствено дело на Св. Климент по својата просветителска, хуманистичка и посебно духовна вредност ги надминува сите претходници и сите негови наследници. И е најцврст темел за нашата посебност во целокупната човечка цивилизација“, истакна градоначалникот Стојаноски.
На свечената академија беа доделени и наградата за животно дело и Повелба Св. Климент Охридски за придонес во промоцијата и афирмацијата на Охрид.
На Проф. Д-р Никола Бошале му беше врачена највискота општинска награда. Бошале упати благодарност до општината и градот што можел да истражува и да се посвети на делото на Св. Климент Охридски. Во своето обраќање Бошале кажа дека првиот пат дошол во Охрид да биде професор, а вториот пат да го посвети животот на Климент Охридски и на Охрид.
„ Јас не дојдов вториот пат да учам и предавам, дојдов јас да се научам низ животот и делото на Св. Климент на тлото на Охрид да најдам собеседници, луѓе и институции кои ми помогнаа да направам дела кои ја опфаќаат целината на живеењето и главната димензија на унапредување, збогатување и облагородување на човечкиот дух“, рече Бошале.
На проф. Ангела К. Василеска и Супер Радио им беа врачени Повелби Св. Климент Охридски за придонес во промоција и афирмација на Охрид.
„Ова што го правам за градот си го ветив одамна. Пливајќи во ноќта и гледајќи го градот како свети и таа божествена убавина сфатив дека градот го заслужува најдоброто овој град на светлоста, среќата и светоста. Правев и ветувам дека уште повеќе ќе правам за него“, истакна Василеска.
„ Охрид нас ни даде 25 години прекрасни и незаборавни години и се надевам дека се одолживме на неговата големина. Ако Св. Климент не учи да го оставиме злото и да го гледаме доброто Ве повикувам во недела да играме за еден млад живот“, им порача Митаноски на присутните на доделувањето на наградите.
На свечената академија беше изведена пригодна програма, а присуствуваа охриѓани, гости и градоначалници од збратимените градови Јалова, од Турција, Сараево од БиХ, Пловдив и Велико Трново од Бугарија,од Србија Нови Сад и Крагуевац и гости од Будва, Котор и Александровац.