Краљ: Охрид би можел да прересне во мала Анталија
Охрид би можел да прересне во една мала Анталија. Таква перспектива на нашиот град му дава Ивица Краљ, легендарниот голман на некогашна Југославија. Тој деновиве престојуваше во Охрид со цел да ја разгледа можноста фудбалски екипи од соседна Србија да реализираат подготовки во Охрид, како и за организација на тренинг кампови.
Поранешниот чувар на мрежата на Партизан и југословенската репрезентација, Ивица Краљ деновиве престојуваше во работна посета на Охрид. Легендарниот голман за прв пат е во Охрид. Тој за ТВМ кажа целта на неговата посета е да го промовира Охрид на најдобар можен начин, што впрочем според него нашиот град тоа и го заслужува.
„Бидејќи сум претседател на Ф.К. „Мачва“ од Шабац, и член на извршниот одбор на Фудбалскиот Сојуз на Србија, целта е да видиме какви се условите во Охрид. Да се обидеме да организираме подоготовки за мојот клуб така да можеби и за сите селекции на Фудбалскиот Сојуз на Србија, но и на останатите клубови во Србија. Да погледнеме каква е инфраструктурата, какви се терените, какви се хотелите и можам да кажам дека впечатоците се повеќе од позитивни. Го посетив и спортскиот центар кој има три терени со природна трева и еден со вештачка. Тоа е повеќе од квалитетно што е потребно за едни квалитетни подготовки, како за сениорски така и за јуниорски екипи“.
Kраљ во рамки на својата работна посета на Охрид ги разгледа спортските капацитети на Охрид, а оствари и работна средба со директорката на јавното претпријатие „Билјанини Извори“, Гордана Јованоска, на која било договорено фудбалскиот клуб каде сега работи Краљ, да има еднонеделни подготовки во Охрид на крајот од јануари. Српската екипа ќе биде една од неколкуте кои зимските подготовки ќе ги одработат на терените на СРЦ „Билјанини извори“. Дел од македонските прволигаши и второлигаши исто така ќе се подготвуваат во Охрид.
„Би било добро да има уште некој терен плус со вештачка трева, пред се мислам во насока на работата со помладите селекции. За тие деца од десетина години треба да се посвети повеќе внимание на тие технички моменти, со нив е многу полесно да се работи на вештачка трева. Но, не се сомневам во желбата и расположението на луѓето тука во Охрид, да направат нешто повеќе, па така во наредниот период Охрид не би прераснал во една мала Анталија. И сами знаете какви хотели и терени турците направија, па со тој зимската сезона им стана и подобра од летната што впрочем е фасцинантно.
Инаку Краљ кажа дека години нанзад сакал да дојде во Охрид, но обврските го спречувале во тоа. Тој спомна дека неговиот пријател Владо Суклоски, многу убави работи му кажувал за Охрид и додава дека тој дуриј бил скромен во тие пофалби. Краљ признава дека многу пријатно се чувствувал во Охрид, каде допатува заедно со претставници од Локалната самоуправа на Шабац. Во рамки на посетата тој оствари средба со градоначалникот Јован Стојаноски .