Skip to main content

Осум резервнисти ангажирани во СВР Охрид, останаа без работа

Осум резервнисти при министерството за внатрешни работи останаа без работа. Синоќа без никакви претходни најави биле известени од денес повеќе да не доаѓаат на работа. Денес одржаа мирен протест пред зградата на СВР Охрид со барање началникот да ги прими и да им објасни кои се причините за ваквата одлука.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Осум припадници на резервниот состав при министерството за внатрешни работи ангажирани во СВР Охрид, останаа без работа. Синоќа без никакви претходни најави телефонски биле известени од денес повеќе да не доаѓаат на работа и да извршат раздолжување на опремата и оружјето. Тие денеска одржаа мирен протест пред зградата на СВР Охрид. Бараа началникот на секторот да ги прими и да им објасни кои се причините поради кои од денес нема да бидат ангажирани, но биле информирани дека до таа средба нема да дојде. 

Бараме од началникот или друго официјално лице да објасни зошто сме избркани од работа. Ни кажаа дека немало повеќе потреба од нас, а истовремено се ангажираат други осум лица на наше место. Ако немало потреба од нас, тогаш како има потреба од други, вели Влатко Ангелески.

Тие се дел од 20-те резервисти кои преку Министерството за внатрешни работи биле ангажирани во јуни 2015 година со договор на дело. Нивниот статус не бил решен. Две и пол години работеле без здравствено и пензиско осигурување, без слободни денови, единствено што земале редовно плата.
Јас во резервниот состав бев повремено ангажиран и претходни години, раскажува Ангелески. При секоја потреба на СВР Охрид, ме повикувале. Дали ова сега се прави поради лични интереси или пак станува збор за политички прогон незнам, додава тој. Имам ќерка на факултет, синот е во средно завршува и тој треба да оди на факултет. Немам други приходи, освен од мојата сопруга која е на пола работно време и зема пола плата. Значи со 6000 денари живееме, со солзи кажува Ангелески.


Не сме членови на партии, тука сме како припадници на резервниот состав. Бевме ангажирани за обезбедување на претседателските вили, вршевме надворешно обезбедување кај претседателот на државата, кај премиерот и претседателот на собрание. Добивавме пофалби од началникот на обезбедување. Како сме сега одбрани, можеме само да претпоставиме, додава Христијан Дулески.

Резервистите истакнуваат дека нема да ги остават работите така и дека ќе ангажираат адвокат преку кој ќе ги бараат своите права.