Skip to main content

Охриѓанец подготви програма за заштита на луѓето од кучешки напади

Охриѓанец подготви  програма за заштита на  луѓето од кучешки напади. Програмата содржи многу предлози со кои ќе се заштитат и луѓето и кучињата. Во сабота во општинската зграда ќе се одржи јавна расправа на која се поканети сите  граѓани,  здруженија за заштита на животните и претставници од АХВ и општината. 

 |  Валентина Неловска  | 
куче

Ефто Стојаноски, познат охридски дресер на кучиња, изработил програма за заштита на луѓето од кучешки напади . Програмата е сработена  пред неколку години, а деновиве нападот на кучиња врз луѓето е актуелна тема. За опасностите од напад на кучињата врз луѓе Стојаноски вели дека со години предупредува, а досега надлежните не покажале интерес да го слушнат знаењето на дресерите кои работат со кучиња. За таа цел изготвил многу предлози со кои ќе се заштитат и луѓето и кучињата. Точно напладне, во сабота, во општинската сала, Стојаноски организира јавна расправа. Поканети се сите граѓани, ловци, здруженија за заштита на животните,дресери, одледувачници на кучиња како и претставници од АХВ и општината.


„ На расправата секој граѓанин, секој засегнат ќе може да ја разгледа програмата. Има можност да се предлагаат измени, надополнувања и предлози. Се што е добро ќе го внесеме и ќе го доставиме до Агенцијата за храна и ветерина кој се надлежни за законите и до општините“, појаснува Стојаноски.

Во Програмата за заштита на луѓето од кучешки напади, меѓу многуте предлози на Стојаноски, се враќање на законската одредба за задолжително носење на заштитна маска кај кучињата и чување на опасните кучиња во двор не на синџир туку во специјални заштитени боксови. Стојаноски напоменува дека во програмата има предлози како општината да се справи со кучињата скитници. Тој предлага наместо скапите регионални стационари да се ангажира овластено лице кое по заловувањето на опасното куче скитник ќе ја следи неговата состојба и ќе одлучи за оправдана еутаназија.

„ Предлагам мини стационар со неколку бокса, шинтерска екипа, која не ќе е скапа и ќе ги заловува сите опасни кучиња кои се на слобода. По дојава од граѓани , овластено или обучено лице ќе прави проценка колку кучето е опасно“, посочува Стојаноски.

Дресерот на кучиња, Ефто Стојаноски, укажува дека на охридските улици може да се забелажат многу опасни кучиња скитници од расата питбул или ротвајлер. Деновиве се забележува низ населбата Далјан еден напуштен питбул, предупредува Стојаноски.