Skip to main content

Охрид се подготвува за организиран дочек на Нова Година

Дочек на новогодишната ноќ на плоштадот во Охрид ќе има, но без настап на музичка ѕвезда. Градот ветува забава и празнични содржини од 20 декември до 20 јануари. Една од нив е чоколадната улица на дел од охридската чаршија со штандови од брендирани производители на слатки. Охридските хотелиери пројавиле интерес за планирање на туристичката сезона 2018 со намалување на цените за гостите од градовите каде што има голема загаденост на воздухот.

 |  Валентина Неловска  | 

Охрид се подготвува за организиран дочек на Нова Година.Планираните проекти не се можни заради потрошените буџетски средства и завршените постапки за објавување на тендерските постапки, а како резултат на пролонгираните локални избори и незгодниот период од преземањето на локалната самоуправа, вели охридскиот градоначалник Јован Стојаноски. Стојаноски, сепак најавува интересни содржини и дочек на новогодишната ноќ на градскиот плоштад.

„ Ѕвезда нема да има огарничени сме со буџетските средства, а од друга страна беше прекраток периодот да се договориме со локалната економска заедница , со угостителите. Не сакаме набрзина да се испланираат таквите проекти. Дочек ќе има,но со мал обем на забава. За следната година со локалната економска заедница ќе се договриме дали е потребно и дали му значи на Охрид носење на голема ѕвезда и дали тоа не би им го намалило остварувањето на прометот за новогодишните празници“, вели градоначалникот Стојаноски .

Градот ветува забава и многу празнични содржини во духот на новогодишните и Божиќните празници, но и на Стара Нова Година и Водици. Забавни содржини кои ќе траат од 20 декември до 20 јануари на повеќе сцени низ градот. Во најава е и чоколадната улица. На дел од охридската чаршија ќе бидат поставени штандови од брендирани производители на слатки, кажува Сашо Митаноски проект партнер на Локалната самоуправа.

„ Зад нас е чоколадната улица на која ќе има поставено тезги и чадори и тоа ќе добие интимно парче од градот и ќе донесе нов квалитет на овој дел. Како посебни делови на кои ќе има сцени се кај старата бибилотека и фонтаната кај мини маркет, каде што ќе има театарска претстава“, посочува дел од содржините Митаноски.

Градоначалникот Јован Стојаноски, напоменува дека во организациските подготовки на градот за туристичката сезона 2018 интерес пројавиле и охридските хотелиери.

„ Политиката на цени е индивидуална работа, но покажаа спремност и ќе договараме за 2018 кога има целогодшно планирање на туристичката сезона. Покажаа подготвеност да водат заедничка политика на цени со општината. Најавија намалување на цените за гостите од градовите со висока загаденост на воздухот да дојдат во Охрид за да ја покажат нашата гостопримливост“, напомена Стојаноски.

Градоначалникот Стојаноски највува дека деновиве ќе биде обелоденета музичката програма за Новогодишните празници, а за следната година највува соодветна буџетско планирање за реализација на проекти кои ќе стануваат традиција и постојано ќе се надоградуваат.