Незаборавен дочек на Новата година и на градскиот плоштад во Охрид
Незаборавен дочек на Новата година и на градскиот плоштад во Охрид. Охриѓани и гостите најлудата ноќ ја дочекаа во одлично расположение, а за тоа придонесоа Даниел Кајмакоски и останатите музичари.
Охридскиот плоштад беше преполн со гости кои Новата 2018 година ја дочекаа на отворено. Забележливи беа многу весели и распеани лица, богата програма и задоволни гости и домаќини. Охрид беше преполн со туристи кои допатуваа за новогодишниот дочек од околните земји, а најбројни беа гостите од соседна Србија. Градот блескаше во својата магична новогодишна декорација и кај присутните влеваше надеж и оптимизам за подобра и посреќна 2018-та година. Од градскиот плоштад се обрати градоначалникот Јован Стојаноски од каде упати желби за многу здравје, успех и благосостојба во Новата 2018 година.
„Се надевам дека и наредните години ќе имаме уште побогати дочеци. Многу сум среќен што народов добро се забавува им посакувам на гостите да си поминат убаво во Охрид и да доаѓаат и уживаат во убавините на Охрид.
За незборавната новогодишна прослава во Охрид во прилог беа временските услови, но и добрата музика. За музичката атмосфера беа задолжени македонски музчари, меѓу кои ѕвезда на вечерта беше мега-популарниот Даниел Кајмакоски.
„Чувството е прекрасно кога доаѓам во Охрид тоа е мој роден крај. Многу ми е мило со моите охриѓани и стружани да ја прославам Новата година. Благодарам на општина Охрид за поканата“, рече Кајмакоски.
Покрај Кајмакоски со своите музички квалитети програмата ја надополнија со својот настап и Анита Мицова, Ансамблот Билјана, младите Ирма Гогова и Ивана Коскоска од Охрид Суперстар и Dj Regie Rulles. За богатата програма се погрижија и баскер уметниците кои ја вжештија атмосферата и ги забавуваа присутните, а вечерта заврши со прекрасен огномет.
Вечерва забавата на плоштадот продолжува со Жармена и Китроз, а ѕвезди на вечерта ќе бидат Бени и Нон Стоп и Dj Jane.