Skip to main content

Стартува скрининг програма за рано откривање на рак на дебело црево

Стартува скрининг програма за рано откривање на рак на дебело црево. Матичните лекари ќе ги издаваат упатите за пациентите за превентивни прегледи. Карциномот на дебело црево е на трето место на скалата од малигни заболувања кај нас и во светот.

 |  Валентина Неловска  | 

Од денес стартува скрининг програма за рано откривање на карцином на дебело црево. Тестирањата ќе се спроведуваат во Центарот за јавно здравје, а упатите ќе ги издаваат матичните лекари, информира Сашо Точков директор на Центарот за јавно здравје. Тестовите со мостри кои го откриваат заболувањето ќе се предаваат во Центарот за јавно здравје секој работен ден од 8 до 13 часот, а резултатите ќе бидат готови за половина час.

„Тестовите, тубите, епруветите каде што треба да се стават материјалите од три последователни столици се кај матичните лекари во амбулантите. За пациентите кои имаат индикации во консултации со матичните лекари да се обратат и да се консултираат, а овде ќе сме на располагање во амбулантите на социјална медицина“, информира Токов.

Заболувањето карцином на дебело црево е на трето место на скалата на малигни заболувања кај нас и во светот. Во општина Охрид статистиката на заболени од ова малигно заболување за 10 години покажува тенденција на пораст. Најчесто на удар е возрасната група над 50 години. Ризичната група е од 55 до 64 годишна возраст и оваа категорија е опфатена со скрининг програмата на Министерството за здравство, напоменува д-р Слободанка Коцевска специјалист по социјална медицина. Бројките се 130 заболени пациенти во 2007, а 175 во 2016 година, информира д-р Коцевска.

„Ракот на дебело црево се движи во исти бројки за овој период од 10 години нема драстични промени но секако според анализата за овој период се наоѓа на 3 место во зачестеност во нашиот регион“, напоменува д-р Коцевска.

Министерството за здравство заедно со Центрите за јавно здравје ќе ја спроведуваат скрининг програмата за рано откривање на колоректален карцином во регионот Охрид, Струга, Вевчани, Центар Жупа, Дебар со 900 бесплатни тестови.