Skip to main content

12 милиони денари за развој и промоција на туристичката дејност во 2018 год

Програмата за развој и поттикнување на туризмот на Секторот за туризам и локален економски развој  во оваа година тежи 12 милиони денари. Со овие пари предвидени се проекти кои ќе донесат поголем број гости годинава како и изработка на Стратегија за развој на туризмот на општина Охрид.

 |  Јаковлева Лионела  | 

12 милиони денари за развој и промоција на туристичката дејност во 2018 год. Овие средства ги издвои Општинa Охрид во рамките на Програмата за развој и поттикнување на туризмот. Оваа сума е речиси иста како онаа која се издвојуваше од буџетот на општината и минатите години. Ѓоко Апостолов од Секторот ТЛЕР вели дека секогаш може и повеќе, но дека и со овие пари можат да се реализираат проектите во делот на развојот и поттикнувањето на туризмот за оваа година.

Средствата во делот што го финансира Општина Охрид односно средствата кои се предвидени од буџетот на општината горе долу се исти како и минатите години што не значи дека во текот на оваа година нема да имаме ребаланс на буџетот бидејќи ние имаме и други проекти со кои имаме аплицирано па очекуваме дека ќе бидат прифатени а со тоа ќе имаме зголемување и намалување на приходните ставки, вели Ѓоко Апостолов-Сектор за ТЛЕР.

Оваа година ќе биде организирана и промо-тура „Охрид 2018“, за што ќе се потрошат 300.000 денари. Во рамки на Програмата за развој и поттикнување на туризмот на општина Охрид предвидена е и изработка на Стратегија за развој на туризмот на општина Охрид за што се издвоени 130.000 ден. Оваа година приватните станоиздавачи од мал обем ќе бидат субвенционирани со 800.000 денари, а предвидено е и обележување на туристичките места со информативни табли, патокази и друга туристичка сигнализација на одредени локации и објекти на територијата на општина Охрид. Како најинтересен настан кој воедно е и новитет во програмата за развој и поттикнување на туризмот е организирањето на „Охрид Гастро Тура“.

Оваа активност предвидува гостување на неколку врвни светски готвачи, гастрономи од различни земји со Мишелин ѕвезди кои за време на неколкудневниот престој во Охрид, во различни угостителски локали ќе имаат задача преку готвење со исклучиво домашни – охридски производи, да изнајдат начин за изработка и подготовка на нови специјалитети како и нивно вклучување во менијата на локалните угостители, а со тоа да придонесат во збогатувањето на туристичкиот производ на градот, вели Апостолов.


Во Програмата за развој и поттикнување на туризмот за промоцијата на Охрид како туристичка дестинација, се предвидува електронски маркетинг и онлајн промоција на туристичката понуда за што од буџетот се издвоени100.000 денари. Предвидена е изработка на мобилна апликација преку која сите корсници ќе можат да се запознаат со туристичката понуда и услуги од Охрид преку мобилни телефони, таблети и сл. Исто така планирана е туристичка промоција на Охрид и регионот во странски и домашни печатени и електронски медиуми со буџет од 150.000 денари.