Skip to main content

Локалната не обелоденува до каде е проектот за градскиот Кеј

Кејот „Македонија“ делумно се санира. Се поправија деловите каде беа откорнати бекатон плочките. Но, ова е само привремено решение, граѓаните сеуште чекаат да се реализира капиталниот проект за реконструкција и санација на градскиот кеј. Од Локаланата не обелоденуваат ништо конкретно до каде е постапката и дали и кога ќе се прави кејот.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Се санираа некои делови на кејот кои неодамна беа оштетени поради неповолните временски услови. Но, бидејќи санацијата не беше направен веднаш кога бекатонките со кои е поплочен кејот беа извадени, гостите кои го посетија градов за време на новогодишните, божиќните празници и Водици го видоа во не баш најубаво светло. Ова е причина повеќе новата локална власт што побрзо да започне со реализацијата на проектот за санација и реконструкција на кејот кој започна уште во 2015та год. Граѓаните кои ги анкетиравме сметаат дека на најрепрезентативното шеталиште во туристички Охрид му е потребно освежување.

Од Локаланта не информираа дека интервенирале на некои места каде состојбата на кејот била најлоша, а со подобрување на временските прилики ќе ги санираат и останатите оштетени делови од градскиот кеј. По завршувањето на законски пропишаните постапки, ќе се пристапи кон реконструкција на „Кеј Македонија“ .

Инаку за санација и реконструкција на кејот зборуваше и минатата локална власт. Уште во 2015та беше изработено идејно решение и основен проект од стручните служби на општината во 2015 година. Проектот за реконструкција и партерно уредување на кеј „Македонија“ тежок 1,2 милиони евра требаше да се реализира во рок од 15 месеци. Општина Охрид во два наврати ја поништуваше тендерската постапка за реконструкција на Кејот , првиот пат кон крајот на 2016та, а вториот тендер пропадна во јануари 2017 год. Причина биле доставените цени и услови од најповолниот понудувач кои биле повисоки од реалните на пазарот. Побаравме информација од Локалната самоуправа за тоа до каде е постапката во врска со овој проект и каков е ставот на новата градска власт за реконструкција на охридското шеталиште. Од одделението за односи со јавност првично ни беше кажано дека за овој како и за други поголеми проекти во градот јавноста ќе била информирана во скоро време. Добивме и официјален писмен одговор. Информацијата од локалната е кратка и сувопарна.

Постапката за санација и реконструкција на градскиот кеј е во завршна фаза. Моментално предметот е во Министерството за транспорт и врски и за кусо време се очекува резултатот од нивното постапување. За деталите околу издавањето на потребните дозволи и за почеток на изведбените работи, јавноста навреме ќе биде информирана.

За реконструкцијата на кејот се водеше бурна расправа и на 60тата седница во минатиот состав на градскиот совет кога сегашниот градоначалник Јован Стојаноски тогаш советник од опозицијата рече дека средствата кои се споменуваа за реконструкција на кејот во висина од 1,2 милиони евра не се реални и дека сигурно ваков капитален проект ќе чини многу повеќе. И запраша како се одвојува толкава сума без притоа да се има програма за тоа како ќе изгледа кејот и дали навистина е нарушена статиката како што тврделе од Локалната самоуправа.

Цело време намерно инсистираат на вакви инвестиции од причина што во овие инвестиции се кријат огромен број на дубиози. А во секој случај треба и органите на управата да се познаимаваат малку каде се трошат олкави средства. И тое се причините зошто и сега влегуваме во една ваква инвестиција за која што ниту има проектна документација, ниту имаме испитување на мнението на граѓаните дали тоа е воопшто потребно, туку влегуваме само во една ваква непродуктивна инвестиција само за да се исперат пари, кажа Стојаноски.


Стојаноски тогаш потенцираше дека иритира податокот што се дискутира за кејот а сеуште никој не знае како изгледа идејното решение,ниту пак е направено некакво истражување на јавното мислење на граѓаните во врска со проектот.


Година и пол подоцна и смена на локалната власт граѓаните сеуште не знаат какво е идејното решение за Кеј „Македонија“. Тие бараат транспарентност што оваа локална планира да прави со градскиот кеј. Како тој ќе изгледа, колку тоа ќе го чини градот и кога проектот ќе започне да се реализира. Засега информациите се многу штури и непотполни, а и збунувачки затоа што не се знае до каде е стигната постапката и дали претходната се поништува па е започната нова или пак е продолжено онаму каде што застанаа работите во јануари минатата година.