Skip to main content

За Али Пашината џамија во Охрид ќе се дискутира на седница на Влада

За Али Пашината џамија во Охрид ќе се дискутира на седница на Влада. Министерството формираше комисија од стручни лица составена од надлежните установи и Управата за заштита на културното наследство која ќе ги испита сите околности во однос на реконструкцијата на Али пашината џамија.

 |  Јаковлева Лионела  | 

На седница на Влада која ќе се одржи идната недела ќе се дискутира за активностите на Али Пашината џамија во Охрид. Ова доаѓа еден месец откако Министерот за култура Роберт Алаѓозовски изјави дека проектот за конзервација и реконструкција на џамијата е стопиран и дека ќе се преиспитува од страна на стручни лица од ресорното министерство. После тоа следуваше период на затишје, но граѓаните деновиве повторно реагираат дека на локацијата која е заградена со високи лимови и на кои има ознаки забрането фотографирање и снимање повторно се работи. Ги запрашавме од ресорното министерство што во меѓувреме е направено.

Министерството формираше комисија од стручни лица составена од надлежните установи и Управата за заштита на културното наследство која ќе ги испита сите околности во однос на реконструкцијата на Али пашината џамија, а од која очекуваме да даде насоки како да се продолжи со реконструкцијата на Али Пашината џамија согласно предвидените процедури, рече Петрит Сарачини, советник на министерот за култура.

Комисијата веќе се состанала и еден од нејзините ставови е за овај проблем да се побара мислење и од УНЕСКО преку редовниот извештај кој министерството го доставува до оваа организација во месец февруари. Комисијата констатирала дека треба да се заштити и ранохристијанската базилика која се наоѓа во дворот на џамијата и со тоа да стане достапна до јавноста. Силните ракции на јавноста, но и низата законски пропусти кои биле утврдени од надлежен инспекторат доведе до тоа Министертвото за култура сериозно да се насочи кон решавање на проблемот со реконструкцијата на Али Пашината Џамија.

Ова прашање ќе настојуваме да се реши онака како што доликува на една демократска држава низ законските процедури и постапки пропишани во заштитата на културното наследство и објектите од значаен интерес, рече Сарачини.

Инаку, оваа тема ја бранува јавноста од моментот кога медиумите објавија дека во охридската чаршија е предвидена изградба на 32метарско минаре а истото беше потврдено од охридскиот Завод за заштита на спомениците и Музеј.