Повлечена точката за Предлог – одлуката за утврдување на висината на надоместокот за поставување урбана опрема
Градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноски, поради реакциите на еснафот на угостители и јавноста, на денешната 6 та седница на советот, ја повлече од дневен ред точката за утврдување на висината на надоместокот за поставување на урбана опрема. Од ВМРО – ДПМНЕ не поддржуваат поскапување во делот на урбаната опрема и сметаат дека градоначалникот ја повлекол оваа одлука за дополнително да ја преиспита.
На денешната седница на советот на општина Охрид Предлог, одлуката за утврдување на висината на надоместокот за поставување урбана опрема беше повлечена. Градоначалникот Јован Стојаноски смета дека сосема една ваква постапка е коректна и легитимна посебно кога реагираат граѓаните или сите оние кои се засегнати од одлуката. Тој појасни дека поскапувањето се однесувало во само во делот за поставување маси и столици и утврдувањето на периодот за којшто може да се поставуваат истите.
„За некој ден ќе закажиме средба со угостителскиот еснаф и отворено од наша и нивна страна ќе ги просикутираме работите околу наплатата на комуналната такса и околу наплатата на надоместокот за поставување на урбана опрема.Поскапувањето не беше толку драстично колку што испаднаа одредени шпекулации и еве како новинари ве повикувам секогаш сте добредојдени за секоја информација за да се поразговара“ .
Својот став по ова прашање го кажа и координаторот на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ Кирил Пецаков, кој рече нивната советничка група била и ќе остане против зголемување на трошоците во угостителскиот еснаф.
„Она што господинот или градоначалникот Јован Стојаноски го ветуваше во пресизборната кампања беше токму намалување на тие трошоци…се сретнаа токму со спротивното односно зголемување на трошоците имаше реакција од еснафот и заради тоа градоначалникот ја повлече веројатно да ја преиспита својата одлука“.
Деновиве охридските угостители јавно го изразија своето незадоволство и побараа стопирање на предлог одлуката за новите тарифи за поставување урбана опрема и начинот на нивно спроведување. Според нив надоместокот е номинално покачен, а не била наведена висината и начинот на пресметување на комуналната такса, издаток кој законски гледано се пресметува на дневна основа. Инаку, градските избраници на денешната седница ја усвоија Предлог, програмата за поставување урбана опрема на подрачјето на општина Охрид за 2018 година, а по Предлог, одлуката за утврдување на висината на надоместокот за поставување урбана, ќе се расправа на наредната седница.