Skip to main content

Охрид ќе организира гастро тура

Охрид ќе организира гастро тура. Врвни европски готвачи со мишелин ѕвезди ќе дојдат во градов за да ги збогатат мениата во угостителските објекти. Исклучиво ќе се користат домашни производи , а јадењета кои ќе се готват ќе бидат прилагодени на вкусовите на гостите.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Врвни европски готвачи со мишелин ѕвезди ќе дојдат во Охрид за да ги збогатат мениата во угостителските објекти со интересни јадења, но и да им ги пренесат на нашите кувари тајните на гастрономијата. Охрид ќе организира гастро тура . Оваа активност на Секторот ТЛЕР е дел од годинешната програма која има за цел да ги прошири активностите со кои градов ќе привлече повеќе гости и ќе даде поквалитетна понуда.

Ќе имаат можност со локално произведени производи да ги збогатат менијата во угостителските објекти. Ќе пробаме да направиме некои нови јадења кои ќе се подготвени исклучиво со локално произведени производи, но ќе бидат поразлични од сето она што сега се нуди во угостителскиот сектор, вели Ѓоко Апостолов од ТЛЕР.

Охридските ресторани бележат напредок во угостителската понуда. Од ден на ден се менуваат застарените мениа и се повеќе ресторани во Охрид и Струга креираат успешна приказна преку стратегија и начин на презентација во сите сектори, вели Апостолов. Но има простор за доусовршување во овај дел од угостителството, додава тој.

Целта на ова е преку креативен пристап на искусни кулинари да ги збогатиме нашите мениа, а сето тоа да биде подготвено со домашни производи кои се многу барани од потрошувачите посебно од странските гости. На овај начин ќе дадеме еден позитивен импулс на самата понуда во угостителските објекти, објаснува Апостолов.


Покрај тоа што врвни готвачи ќе приготвуваат храна во нашите угостителски објекти тие ќе им одржат и кратки обуки на оние кои работат во кујна како нивните знаења и искуство потоа нашите готвачи би ги применувале при правењето на различни специјалитети. Терминот кога ќе се одржи оваа гастро тура не е прецизиран. Се размислува тоа да биде или пред почетокот или на крај на туристичката сезона.